Савески со порака до власта: Сиромашно обвинителство не може да се бори со богат криминал

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Републичкиот јавен обвинител Ненад Савески уште еднаш побара поголема финансиска поддршка за Јавното обвинителство, оценувајќи дека институција со ограничени ресурси тешко може успешно да се справи со сериозниот и организиран криминал.

На конференцијата посветена на новата стратегија за комуникација на Јавното обвинителство со јавноста, Савески порача дека обвинителите вложуваат максимални напори, но дека без соодветни буџетски средства резултатите не можат да ги задоволат очекувањата на граѓаните.

„Неопходна е вистинска волја од извршната и законодавната власт за да се обезбедат услови за нормално функционирање на Обвинителството. Финансиска поддршка е потребна и за реализација на комуникациската стратегија и за секојдневното работење на институцијата“, истакна Савески.

Тој најави и поголема транспарентност во работата на обвинителите преку измени во упатствата за односи со јавноста. Според него, обвинителите ќе имаат обврска навремено да ја информираат јавноста за предметите што ги работат, во рамки на законските ограничувања.

„Нема само да одговараме на прашања, туку проактивно ќе ги објаснуваме нашите постапки. Транспарентноста носи и критики, но таа е патот што го избравме“, рече Савески.

На настанот беше претставено и новото лого на Јавното обвинителство, кое, според Савески, ги одразува европските вредности и стандарди кон кои се стреми институцијата.

Конференцијата ја следеа голем број обвинители, но отсутен беше раководителот на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, Ислам Абази. Од Обвинителството информираа дека бил поканет, но поради претходно преземени обврски не присуствувал.

Гостин на настанот беше и заменик-генералниот обвинител на Португалија, Пауло Жорже Виеира Моргадо де Карвајо, кој нагласи дека во современото општество институциите не смеат да дозволат празнина во комуникацијата со јавноста.

„Кога институциите молчат, просторот го исполнуваат дезинформациите. Затоа комуникацијата мора да биде законита, навремена и транспарентна“, порача португалскиот обвинител.