Двајца вработени во бифето во министерската зграда во МВР, во која има околу 200 вработени, се позитивни на коронавирус, дознава СДК.МК.
Тие пишуваат дека овие лица одат во сите канцеларии каде би требало да однесат кафе, сок или вода, а го служеле и министерот за внатрешни работи Наќе Чулев, но засега никој не бил во изолација.
„Ние се организираме сами да се тестираме, зашто никој од раководството на МВР не реагира. Раководството не повика на самоизолација, а сите сме биле во непосреден контакт со вработените од бифето барем по еднаш дневно секој ден“, истакнуваат револтираните вработени за СДК.МК.
Имено, бифето било сместено веднаш до советникот на министерот, Мухамед Исмаили, кој веќе на Фејсбук потврди дека е позитивен на коронавирус.
Претходно, министерот Чулев истакна дека Исмаили не доаѓал на работа од 24 мај. Но некој од вработените тврдат дека истиот бил забележан и на 3 јуни, кога присуствувал на состанок во зградата за хеликоптерската несреќа.
Од Министерството за внатрешни работи велат дека ги преземаат сите неопходни мерки за заштита на вработените.
„Од страна на стручните служби во МВР е остварен контакт со епидемиолози и во тек е преземање на понатамошни мерки. Дополнително, утрово од страна на министерот Чулев и дополнителниот заменик на министерот Петровска е остварен контакт со претседателот на Комисијата за заразни болести Караџовски и со министерот за здравство Филипче при што е побарано најитно да се направи епидемиолошка анкета на вработените“, одговорија од МВР на прашањето на СДК.МК за тројцата заразени во централата на министерството.
Заменик министерката Славјанка Петровска на својот фб профил посочува дека во тек е епидемиолошка анкета.
„Во врска со натписите во медиумите, а поврзани со двајца вработени во бифето во првата зграда, преку кое се опслужуваат постојани 30тина вработени и функционери, поточно кабинетите на министерот, заменикот министер, директорот, државната сектетарка како и мојот кабинет ве известувам дека во тек е епидемиолошка анкета“, посочува Петровска.
Таа додава дека нејзиниот последен контакт со колегата бил во вторникот, при што и двајцата носеле маска, а со другата колешка во петокот и, исто така, со маски.
Петровска на двајцата колеги им посакува брзо закрепнување и апелира до ситем на прашањата за епидемиолошка анкета да ја кажуваат вистината.
