СДК.МК: За една недела на Гинекологија починале пет предвреме родени бебиња, мајките биле негативни на Ковид-19

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Пет предвреме родени бебиња починале за една недела на Клиниката за гинекологија и акушерство (ГАК) во Скопје каде што се третираат пациентки заболени, или со сомнеж за КОВИД-19 и сите ризични бремености, пренесува порталот „Сакамдакажам“.

Директорката на Клиниката Викторија Јовановска во изјава за порталот вели дека станува збор за три пациентки со ризична бременост. Едната била породена со тројка. Кај сите родилки било направено тестирање на коронавирус и тестот бил негативен.

„Станува збор за ризични бремености, бременоста со тројка е сама по себе ризична. Трите бебиња беа родени во 28 гестациска недела, мајката беше донесена во состојба во која мораше да се породи, и немаше никакви шанси да се спасат бебињата“, вели Јовановска за САКАМДАКАЖАМ.МК.

Од Клиниката велат дека трудницата била во прва бременост со тројка, спонтано забременета. Таа била итно транспортирана од Тетово поради започнато предвремено раѓање.

И во другите два случаи станува збор за трудници кои се породиле со многу незрели новороденчиња, со мала родилна маса и со тешки компликации.

Директорката Јовановска вели дека изминатиов период е зголемен бројот на предвремено родени бебиња, во споредба со други години, и претпоставува дека тоа се должи на зголемениот стрес кај трудниците поради епидемијата на коронавирусот.

„Ова е нов вирус за кој секојдневно добиваме нови информации и податоци. Моја претпоставка е дека зголемениот број на предвремени породувања се должи на зголемениот стрес кај трудниците. Разговарав со министерот за здравство Венко Филипче да ги тестираме мајките на предвреме родените бебиња, да видиме дали го прележале коронавирусот, за да утврдиме дали можеби има и таква поврзаност и тоа е причината за предвремените породувања“, рече Јовановска.