СДСМ алармира за депонија во близина на изворoт Рашче, од Град Скопје велат – водата е безбедна, „Рашче“ е под 24-часовен надзор

НАЈНОВИ ВЕСТИ

СДСМ ја обвини Владата за негрижа поради депонијата создадена во близина на изворот Рашче, од каде со вода се снабдуваат Скопје или околу 25 проценти од граѓаните во земјава. Според опозицијата, состојбата претставува директна закана за водата за пиење и здравјето на граѓаните, а се бара одговорност за создавањето на нелегалната депонија во ова заштитено еколошко подрачје.

„Цела држава ја отруја од неодговорност – 50 населени места во државава се со загадена вода а никој не понесува одговорност. Не смее да се чека да се случи нова уште поголема катастрофа. Кој го штити изворот Рашче? Кој ќе гарантира дека водата е безбедна? И кој ќе понесе одговорност? Граѓаните имаат право на чиста и безбедна вода“, изјави генералниот секретар на СДСМ, Александар Саша Димитриевиќ.

Од Град Скопје реагираа по алармот од СДСМ за депонијата во близина на изворот „Рашче“, нагласувајќи дека водата за пиење во Скопје е микробиолошки и хемиски исправна и безбедна, што, според нив, го потврдуваат редовните лабораториски анализи.

Од Град Скопје појаснуваат дека депонијата не се наоѓа на територијата на Скопје и е оддалечена околу 30 километри од изворите на Рашче, додека водата секојдневно се контролира преку примероци земени од 36 до 40 различни локации.Изворот „Рашче“, според соопштението, е под 24-часовен надзор и обезбедување, а надлежните апелираат граѓаните да им веруваат на официјалните анализи и најавуваат дека секој реален ризик ќе биде транспарентно соопштен.