СДСМ бара комисиска расправа за директорот на АНБ – Петровска: По оставката на Комисијата за помилување ќе има и друга оставка

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

 СДСМ бара отворена седница на собраниската Комисијата за надзор над АНБ на која ќе присуствува и директорот на Агенцијата Бојан Христовски. Пратеничката на СДСМ Славјанка Петровска постави неколку прашања за првиот човек на АНБ. После оставката од членовите на Комисијата за помилување кои беа наместени од структури на ВМРО-ДПМНЕ треба да следи уште една оставка, рече Петровска.

„Каде бил Бојан Христовски на денот на полагањето? Каде престојувал дента или неколку дена пред датумот на полагањето, но и многу други поврзани со неговите сегашни активности во Агенцијата. Како на пример што тој знае за скандалозните помилувања? Денес ќе поднесеме иницијатива до претседателот на Комисијата за надзор над работата на АНБ и АР за свикување на седница на која ќе биде поканет директорот на Агенцијата и ќе даде одговор на овие но и на други прашања“, вели Славјанка Петровска.

Запрашан за тоа што ќе направи со Христовски, премиерот Христијан Мицкоски кратко одговори дека ќе го чека извештајот на Антикорупциската комисија.

„Поврзано со второто прашање има сертификат државна тајна, а поврзано со првото прашање што ќе направи Владата, ќе го чека мислењето на Државната комисија за спречување на корупцијата“, вели Христијан Мицкоски.

Од Антикорупциска велат дека за овој случај постапуваат во рамките на своите законски овластувања и надлежности. Оттаму реагираат дека за овој случај во исто време може да постапува и Јавното обвинителство.

„ДКСК истакнува дека нејзиното постапување во ниту еден случај не ги запира постапувањата на останатите надлежни институции од спроведување на надлежностите. Одредени обиди за прикажување на постапувањето на ДКСК како причина за одложување или неактивност на други институции сметаме дека не се оправдани и може да внесат погрешни перцепции во јавноста“, вели ДКСК.

Деновиве од СДСМ побараа Јавното обвинителство да го истражи случајот со наводниот фалсификуван ТОЕФЛ сертификат на Христовски. Оттаму одговорија дека тие ќе отворат случај доколку Антикорупциска комисија во разумен рок не ги испита наводите.