Зголемените цени на горивата повторно ги спротивставија СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, при што двете партии со различни аргументи ја обвинија спротивната страна за состојбата со цените и животниот стандард на граѓаните.
Од СДСМ денеска обвинија дека цените на горивата се „до плафон“, посочувајќи дека од вчера дизелот надминал 100 денари за литар. Според партијата, тоа претставува дополнителен удар врз стандардот на граѓаните, додека Владата предводена од Христијан Мицкоски не презема доволно мерки.
„Нема намалување на ДДВ. Нема намалување на акцизата. Нема мерки за заштита на стандардот“, изјави Наташа Поповиќ, членка на Извршниот одбор на СДСМ.
Од опозициската партија посочуваат дека само за шест месеци цената на дизелот пораснала за 43 отсто, а резервоар од 50 литри сега, според нивните пресметки, ги чини граѓаните повеќе од 1.500 денари дополнително во споредба со пред шест месеци.
СДСМ предупредува дека поскапувањето на горивата не се одразува само на трошоците за возење, туку и на транспортот, производството и земјоделството, што дополнително може да влијае врз цените на прехранбените производи.
Од партијата оценуваат дека, во услови кога потрошувачката кошничка е речиси 70.000 денари и голем дел од семејниот буџет се троши за храна и пијалаци, дополнителното поскапување претставува сериозен товар за граѓаните.
СДСМ бара Владата да го намали ДДВ-то за горивата од 18 на 5 отсто, како и акцизата за 50 отсто, мерки за кои партијата смета дека директно би влијаеле врз намалување на цените на горивата и потрошувачката кошничка.
Од ВМРО-ДПМНЕ, пак, возвратија дека СДСМ „не може да се помири со реалноста“ и оти Македонија во услови на глобална енергетска криза има најниски цени на нафтените деривати во регионот.
„Во време на една од најголемите светски кризи предизвикани од немирите на Блискиот Исток, Македонија успева да ги задржи цените на нафтените деривати на најниско ниво од сите земји во регионот“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Од владејачката партија додаваат дека зад тоа стојат мерките преземени од Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, а истовремено се следат и движењата на цените на останатите производи.
ВМРО-ДПМНЕ се повикува и на последните податоци на Државниот завод за статистика, според кои инфлацијата во земјава изнесува 2,3 отсто.
Од партијата упатија критики кон СДСМ, потсетувајќи дека за време на нивното владеење инфлацијата, како што велат, достигнала двоцифрени нивоа и 16 отсто.
„Ако сака СДС нешто корисно да направи, нека седи, гледа и учи како се следат состојбите, како се води држава, како се развива економијата и како се работи во интерес на граѓаните и државата“, порачаа од ВМРО-ДПМНЕ.
