СДСМ бара од ВМРО-ДПМНЕ да прифати дебата во Собранието – Ковачки: Секојдневно народот кажува „не“ за предлогот кој е понижувачки

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Власта и опозицијата и денеска на различни страни околу францускиот предлог. Од СДСМ бараат опозициската ВМРО-ДПМНЕ да ја напушти антиевропската агенда и да прифати дебата во Собранието за предлогот .

„ВМРО-ДПМНЕ  да не бега туку да учествува во дебатата во Собранието а дотогаш да се откаже од блокадите, деструктивните и крвави сценарија со проруската Левица, со Алијанса, која не им успеа. Откако се распадна коалицијата помеѓу ВМРО-ДПМНЕ и Алијанса сега Христијан Мицкоски и Димитар Апасиев остануваат сами и изолирани во антиевропска агенда. Само ВМРО-ДПМНЕ и Левица се против Европската унија“, вели Каевски.

На ова Драган Ковачки од ВМРО-ДПМНЕ вели дека францускиот предлог е понижувачки со кој се блокира македонската интеграција во Европската унија. А ова, како што истакна тој, го кажа и народот кој гласно рече Не за предлогот.

„Владата под итно треба да го отфрли овој предлог за кој најпрвин глумеше дека го одбила, за да после тоа на невидено да го прифати и да глуми некакви консултации со самопрогласени владини експерти кои се платени токму од Владата, односно од народот. Народот на Македонија веќе и ги испорача потребните консултации на Владата, односно секојдневно кажува Не на бугаризацијата и бришењето и исчезнувањето на македонскиот народ“, изјави Ковачки.

Вчера од ВМРО-ДПМНЕ побараа од претседателот на Собранието Талат Џафери да ја врати Информацијата за Преговарачката рамка предложена од Франција која Владата ја достави до пратениците, бидејќи како што рекоа не ги содржи сите документи заедно со билатералниот Протокол, туку само еден лист материјал.