СДСМ побара политичка одговорност поради масовното труење на граѓаните во Гостивар, оценувајќи дека здравствените институции целосно потфрлиле во заштитата на јавното здравје. Од партијата побараа оставки од министерот за здравство Сашо Клековски, директорката на Институтот за јавно здравје Марија Андоновска, директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство Оливер Миланов, како и од одговорните лица во локалните центри за јавно здравје.
На прес-конференција, потпретседателката на СДСМ, Јована Тренчевска, изјави дека граѓаните мора да ја дознаат целата вистина за причините за труењето и за тоа каде потфрлиле институциите.
„Во Гостивар се случи масовно труење на граѓаните. Институциите и системот целосно потфрлија во заштита на здравјето на луѓето и за тоа мора да има и кривична и политичка одговорност“, рече Тренчевска.
Според СДСМ, загадувањето на водата започнало на 25 јуни, а граѓаните повеќе од три недели користеле загадена вода без навремена реакција од надлежните институции. Од партијата прашуваат зошто Центарот за јавно здравје не вршел редовни анализи на водата и зошто, и покрај растечкиот број заболени, не биле преземени итни мерки.
Тренчевска посочи дека првите случаи биле регистрирани на 13 јули, а детални препораки од здравствените власти биле издадени дури на 18 јули. Дополнително, според неа, три дена пред да биде утврдено дека водата е контаминирана, Центарот за јавно здравје издал извештај дека водата е безбедна за пиење.
Од СДСМ обвинија дека наместо брза реакција и транспарентност, институциите дозволиле хаос и институционален колапс, а анализите на водата не биле јавно објавени, додека Обвинителството се повикувало на тајност на истрагата.
„Квалитетот на водата за пиење не е доверлива информација. Тоа е прашање од највисок јавен интерес и секој граѓанин има право навреме да знае дали водата што ја користи е безбедна“, истакна Тренчевска.
Таа нагласи дека, според официјалните податоци, повеќе од 3.000 граѓани се регистрирани со симптоми на труење, а уште многумина се лекуваат во домашни услови.
Поради тоа, СДСМ побара оставки од министерот за здравство Сашо Клековски, директорката на Институтот за јавно здравје Марија Андоновска, директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство Оливер Миланов, како и од одговорните лица во локалните центри за јавно здравје.
Во реакција на обвинувањата, ВМРО-ДПМНЕ соопшти дека Владата навремено презема мерки за справување со состојбата и ја обвини опозицијата за политизација на случајот.
„За разлика од кадарот на СДС, ДУИ и Таравари, во името на Валбон Лимани, кои освен што задоцнија со мерките и помошта на граѓаните, не се ни извинија и не се оградија од нивниот кандидат, Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ покажа и докажа како треба да се справуваме во време на криза“, наведуваат од партијата.
Од ВМРО-ДПМНЕ посочуваат дека Службата за општи и заеднички работи на Владата секојдневно доставува повеќе од 60 тони вода за пиење и технички потреби за граѓаните на Гостивар, дека Институтот за јавно здравје и Министерството за здравство веднаш издале препораки и мерки, а Министерството за внатрешни работи ги привело осомничените и работи на обезбедување докази за обвинителството.
Владејачката партија додава дека паралелно се работи и на отстранување на причините за загадувањето, со цел водата што поскоро повторно да може да се користи, најпрво за технички потреби.
„Очекуваме во оваа истрага обвинителството и судството да си ја завршат својата работа, а не како пред шест години кога за модуларната болница, наместо Филипче, виновен беше кабелот“, се наведува во реакцијата.
Од ВМРО-ДПМНЕ оценуваат дека разликата меѓу нив и СДСМ во кризни ситуации е во тоа што, како што велат, Владата презема конкретни мерки, додека опозицијата ја користи ситуацијата за политички напади.
