СДСМ би поддржала иницијатива за свикување на Собранието – ДПМНЕ сè уште анализира

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Претседателот на Собранието може да свика седница по барање на претседателот на Републиката, Владата и најмалку 20 пратеници, стои во Уставот на државата.

Македонија веќе втор месец се наоѓа во вонредна состојба која пак ја прогласи Претседателот Стево Пендаровски откако доби известување од спикерот Џафери дека нема услови за свикување на парламентот.

Пратеникот во последниот состав во Собранието, Костадин Костадинов од редовите на СДСМ, за ТВ21 вели дека доколку има иницијатива за свикување на Собранието, тие би ја поддржале.

„Доколку постои иницијатива за свикување на Собранието СДСМ ќе ја поддржи. Фокусирани сме на борбата со коронавирусот. Се уште е рано да зборуваме за евентуално прогласување на вонредна состојба повторно, конечниот збор секако ќе го имаат стручните лица, зависно од проценките“, вели Костадин Костадинов за ТВ21.

Од ВМРО-ДПМНЕ за ТВ21 велат дека ја следат ситуацијата и се прават анализи.

„Ја следиме ситуацијата од ден на ден и се прават анализи од страна на нашите експертски тимови. Зависно од тоа како ќе се развива ситуацијата ќе заземеме став“, велат од ВМРО-ДПМНЕ за ТВ21.

Најмалку 20 пратеници според уставот се потребни за да се свика Собранието. Но, сепак дали тоа ќе се случи одлучува претседателот на Собранието, кој пак досега неколку пати потецнираше дека нема услови за тоа.

Вонредната состојба беше прогласена согласно Уставот на државата, од страна на претседателот Пендаровски, по барање на Владата, откако како што соопшти претседателот, бил информиран од претседателот на Собранието нема услови да се свика парламентот.

Токму вонредната состојба даде можност за спроведување на брзи и ефикасни мерки во насока на спречување на ширење на коронавирусот, заштита на здравјето и справување со економските последици.

Од СДСМ додаваат дека Владата досега носела уредби кои се исклучиво во интерес на граѓаните и државата.