СДСМ бира нов лидер преку избори – пролет за нови промени во партиите

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Социјал демократите утре на избори, ќе треба да изберат, дали актуелниот Зоран Заев треба да добие трет мандат.

„Немаше други кандидати, постапката заврши, јас последниот ден ја доставив мојата кандидатура секако очекувајќи да има и други кандидати. Немаме намера да измислуваме кандидати ниту пак да попречиме некој кандидаат“, истакна Зоран Заев.

Ова се приви избори каде што сите членови на СДСМ ќе гласаат, а бидејќи станува збор за еден кандидат, а беа најавени како најдемократски начин за избор, ќе може да се гласа „ЗА“ или „ПРОТИВ“ Зоран Заев.

„Кога видоа дека има еден кандидат овозможија да се гласа ЗА и ПРОТИВ. За да може да одиме чекор понатаму, затоа што кога се донесоа првите одлуки беше дека секој член го заокружува бројчето на кандидатот и сега имаме еден кандидат т.с јас“, додава Зоран Заев.

Промени пак се најавуваат и во опозициската ВМРО-ДПМНЕ, која од денеска започнува со повик за нови членови. Од друга страна се соочуваат и со превирања и вонреден конгрес, кој пак беше одложен во четвртокот. Од понеделник по ковид боледувањето се враќа со активности и лидерот Христијан Мицкоски.

„Нашата борба е возможна доколку секој еден од вас го даде својот придонес, а ВМРО ДПМНЕ  ги отвора вратите за младите, способните, образованите, искусните, работливите, чесните и оние кои заедно со нас сакаат да создаваат иднина“, истакна Ѓорѓија Сајковски.

Од ДУИ засега не најавува кадровски промени, фокусирани се на реализација на ветеното од владината програма. Повлекувањето на Изет Меџити од местото координатор на пратеничката група на ДУИ во Парламентот веројатно е првиот чекор за надминување на несогласувањата во партискиот врв.

Експертите велат дека е потребна демократизација на партиите и нов изборен модел.

„Иако постојано се залагаат за демократски избори и демократско однесување на власта (во случај кога се во опозиција), не преземаат конкретни чекори кои би значеле демократизација на нивните партии. И тука всушност е најголемата контрадикторност, очекувањата некој друг нешто да направи, паралелно со неменување на ништо во доменот каде од вас зависи“, посочи Бојана Наумовска.

За моменталната состојба во која се наоѓаат политичките партии во нашата држава, што, според неа, некако би значело и состојба на општеството, смета дека во голем дел е резултат на изборниот модел кој го имаме, или пак гледано од друга страна, смета дека промената на истиот ќе ги принуди политичките партии да се демократизираат.