СДСМ достави барање до Гаши да ја свика комисијата на која ќе се расправа дали Гаши го крши деловникот

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Барање до претседателот на Собранието Африм Гаши да ја свика Комисијата за деловнички прашања достави потпретседателот од редовите на СДСМ Јован Митрески. Тој бара оваа Комисија да донесе одлука дали собранискиот спикер го крши Деловникот, кога одби да ја свика Комисијата за социјална политика на која треба да се расправа за законот за бранителите, откако претходно претседателката на таа Комисија Илире Даути рече дека нема никогаш да ја стави таа точка на дневен ред. Митрески рече дека му даваат рок на Гаши до крајот на неделава, а доколку и оваа Комисија не ја свика ќе преземат други чекори.

-Доставив допис со барање до претседателот на Собранието Африм Гаши да ја задолжи Комисијата за деловнички и мандатно имунитетни прашања да свика седница каде ќе се толкува примената на членот 126 став 3. Пред скоро 10 дена координаторот на пратеничката група на СДСМ господинот Оливер Спасовски поднесе барање до претседателот на Собранието да достави образложение дали и кога ќе ја свика седницата на Комисијата за разгледување на овој закон по истиот терк како што беше свикана и Комисијата за финансирање и буџет. До овој момент образложение и одговор нема и најверојатно нема ни да има, изјави Јован Митрески потпретседател на Собрание.

Арбр Адеми од ДУИ во Дејли Клик на ТВ21 рече дека не очекува дека овој закон воопшто да се најде на дневен ред на Комисијата што ја води Илире Даути од пратеничката група на Европскиот фронт.

-НЕ за Илире Даути останува не, за разлика од ВРЕДИ. Таа Комисија ја води она и воопшто нема да биде на дневен ред еден предлог закон кој што не ги третира подеднакво сите нејзини граѓани, кои што претрпеле од војната во 2001 година, вели Арбр Адеми од ДУИ.

Претседателот на Достоинство Стојанче Ангелов вели дека законот за бранители се злоупотребува и се користи за дневно политички цели, бидејќи како што вели, предложениот текст има недоречености.

-Законот е злоупотребен. Маката на семејствата на загинатите бранители, кои до ден – денес не се обесштетени, маката на воените инвалиди кои до ден – денес не се обесштетени се ставени во дневна политика. Доколку Славјанка Петровска не извршеше упад во област каде што на еден начин јас сум делегиран од бранителите, не дека таа нема право, но еве дури и да била искрена го направи тоа на многу невешт начин. Ние нашиот предлог закон ќе го поминевме на „мала врата“ без врева во јавноста, изјави Стојанче Ангелов од Достоинство.

За законот за бранителите се јави и Павле Трајанов од Демократскиот сојуз кој смета дека ова решение треба да го поддржат сите партии и неприфатливо е тој да се користи за меѓупартиски конфронтации и поттикнување на меѓуетнички тензии од страна на СДСМ и ДУИ.