СДСМ ги повика партиите во Европскиот фронт – албанските партии во дилема, кој со кого ќе оди?

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Социјалдемократскиот сојуз на Македонија денеска и официјално ги повика партиите, но и граѓанските и невладините здруженија за формирање на „Европскиот фронт“, кој, како што велат, ќе го поддржи членството на земјава во ЕУ. Овој фронт значи заедничко учество на претстојните парламентарни и претседателски избори, додека, како што рече пратеникот Мартин Костовски, стратешка цел ќе биде членство во Европската унија до 2030 година.

Засега со јасен став излезе само ДУИ која ќе биде дел од овој фронт заедно со СДСМ. Од друга страна, Европскиот сојуз за промени, составен од Алтернатива, Движењето Беса и Демократското движење, на избори ќе одат заедно и нема да бидат дел од овој фронт.

Но, какви планови имаат другите партии?

Аријанит Хоџа од ЕДП, вели дека во наредниот период ќе имаат средби со различни политички партии, но засега нема ништо конкретно. Хоџа не ја исклучи можноста да излезат и сами на избори.

„Целта беше формално да се добие овластување од Централниот совет за на сите повици кои ќе бидат потенцијални или дури и од неформалните состаноци кои ги имавме во изминатиот период, да се формализираат и да разговараме за тоа како сакаме да изгледа коалицијата и кои ќе бидат целите на една потенцијална коалиција, без да сакаме да навлеземе со кои политички партии бидејќи рано е уште. Нема ништо конкретно. Имаме комуникации со партии кои споделуваат исти вредности за процесот на европска интеграција“, вели Аријанит Хоџа. 

Конечна одлука не донело ниту Народното Движење.

„Овие избори верувам дека ќе бидат со две табори кај албанските партии и ќе биде добра вест. За тоа како ќе се одлучи, ќе одлучат партиските органи“, додаде Скендер Реџепи.

Конечен став нема ниту АА, но голема е веројатноста сами да одат на избори.

„Во врска со коалициите, за тоа ќе разговараме во рамките на партијата, немаме конечен став. Моментално АА се подготвува сама да оди на избори“, вели Арбен Таравари.

Побаравме став и од ДПА но досега не добивме одговор. Инаку парламентарните избори се закажани на 8 мај, заедно со вториот круг на претседателските избори.