ВМРО-ДПМНЕ не е против уставните измени велат од СДСМ. Порпаролката на оваа партија, Богданка Кузеска соопшти дека врз основа на новите околности на политичката сцена, Ковачевски за утре го свикал централниот и извршниот одбор на СДСМ за да разговараат како ќе ги продолжат преговорите со ВМРО-ДПМНЕ.
Другиот партнер на владината коалиција Арбен Таравари рече дека не е важно кој предлог на Ковачевски или Мицкоски е поприфатлив. Според лидерот на АА поважно е да се изгласаат уставните измени.
„Она што е важно за нас е дека ВМРО-ДПМНЕ веќе дава позитивни сигнали дека се подготвени да гласаат за уставните измени, нешто што веќе го кажавме пред месец-два дека на крајот ВМРО повторно ќе гласа за уставните измени. Предлогот веќе не е важен, за нас како политичка партија е важна агендата, додека агендата и единствениот пат на Македонија е патот кон ЕУ, без разлика на комбинациите и опциите кои се нудат, ние сме тука да ги поддржиме и помогнеме патот на РСМ да продолжи кон почеток на преговорите со ЕУ“, вели Арбен Таравари.
Евроамбасадорот Дејвид Гир во Клик Плус рече дека Македонија се наоѓа пред еден таков момент кој во политиката и дипломатијата не се пропушта. На прашањето што ќе се случи со земјава доколку не успеат уставните измени, Гир истакна дека Македонија ќе ја пропушти шансата која другите ќе ја искористат.
„Одејќи напред, ќе го искористите моментот и ќе ги искористите можностите што ви се нудат за да напредувате на патот кон ЕУ и да се фокусирате на големите реформи што земјата треба да ги направи. Што ако државата не го направи тој чекор и реши да не прави уставни измени? Тогаш процесот ќе закочи, скринингот ќе престане и преговорите нема да напредуваат. Тоа значи дека сте ја изгубиле шансата, но некои други на време ќе исчекорат и ќе го искористат моментот и ќе влезат во ЕУ“, порача Дејвид Гир.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски и денеска го повтори ставот дека прифатливо е неговата партија да биде дел од владата но без ДУИ и под услов уставните измени да се усвојат само откако ќе завршат преговорите за членство во ЕУ.
Доколку не се направат уставните измени до ноември оваа година, евроинтеграциите може повторно да бидат блокирани. Преговорите нема да започнат се додека не се спроведат уставните измени за вметнување на Бугарите во Уставот од страна на Северна Македонија.
