Од СДСМ се потсетија на 27 април 2017 година, или т.н. „Крвавиот четврток“, велејќи дека и после девет години од случајот, сегашната власт се обидува да ги „спаси“ тогашните обвинети од одговорност.
„27 април е тежок, крвав потсетник колку лесно една криминална, недемократска власт може да ја втурне државата во провалија.
9 години од крвавиот 27 април, најцрниот ден во историјата на македонската демократија.
Тоа беше организиран обид за државен удар, во режија на ВМРО и Никола Груевски.
Во Собранието влегоа насилници со јасна намера – да убијат пратеници, да повредат новинари и вработени во собранието, да го урнат уставниот поредок.
Сликите од тој ден се врежани и после 9 години: крвави лица на пратеници, дупнати глави, напади со шипки и столици, влечење, дивеење и уништување во храмот на демократијата.
А денешниот премиер, Христијан Мицкоски, тој ден беше пред Собранието.
Девет години подоцна, наместо целосна правда – сведоци сме на обиди за срамна рехабилитација на насилниците.
По доаѓањето на ВМРО-ОКГ на власт, осудени лица за 27 април се пуштаат од затвор со само еден потпис“, велат од СДСМ.
На ова реагираше и премиерот Христијан Мицкоски, кој од пред Универзалната сала уште еднаш кажа дека е политички монтиран случај на претходната власт, и дека невини луѓе биле прогласени за терористи.
„Сум кажал дека е тоа политички монитран случај од страна на претходната влада, случај во кој што според мене невини луѓе беа прогласени за терористи и тоа беше нешто невидено.
Самите и обвинители и судии сега сведочат за уценети обвинители и судии, почитички наредби, коа луѓе беа ослобедени од притвори, за уши влечени да гласаат во парламентот. Во еден мој говор од Собранието кажав дека како држава не можеме да одиме напред ако две работи не добијат јасен одговор: првиот е како Катица Јанева повторно ги задолжи обвинителите од т.н. СЈО да вршат терор врз македонските граѓани, и вториот е да се дознае правата вистина за 27 април“, рече Мицкоски.
