Случај „Кочани“: Реакција на СДСМ и ДУИ

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Не запираат партиските реакции, откако Јавното обвинителство информираше за проширувањето на истрагата за трагедијата во Кочани со нови 19 осомничени лица. Според ДУИ, се врши институционален напад врз албанскиот народ во државата. Од партијата соопштија дека обвинителот Љупчо Коцевски е под политички притисок за разрешување од страна на премиерот и истрагата е селективна.

„ДУИ им апелира на професионалците во Министерството за внатрешни работи и во Јавното обвинителство да не дозволат да бидат дел од оваа трговија со влијание и на тој начин да не ја легитимираат оваа политичка зделка… Она што ни се прикажува не е правда – туку институционален агресивен напад, еднострански насочен кон албанскиот народ во оваа држава.“, велат од ДУИ.

Во СДСМ пак сметаат дека истрагата наместо да донесе правда, се претворила во фарса. Според социјалдемократите, истрагата е класичен случај на политичко прикривање, а министерот Панче Тошковски ги штити своите кадри.

„И по проширувањето на истрагата, едно е јасно: не се бара никаква одговорност од оние што кобната ноќ беа на функција во МВР, но и други институции кои морале и и имале должност да го превенираат настанот… Ова е селективна правда на ВМРО-ДПМНЕ во која Тошковски ги штити своите и оние кои тој ги поставил на функциите.“, изјавија од СДСМ.

Одговорија од ВМРО-ДПМНЕ. Оттаму порачаа СДСМ да се информира.

„Нема да им ги раскажуваме деталите, бидејќи надлежните институции на дневна основа информираат, секако за она што не може да влијае на истрагата. СДС сега можат само да седат слушаат, поточно да се информираат за истрагата, прво за тоа што го пропуштиле па потоа за тоа што тековно ќе се случува.“, соопштија од ВМРО-ДПМНЕ.

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски претходно истакна дека истрагата не смее да се политизира, додека пак државниот обвинител Љупчо Коцевски Обвинителството работи законито и правилно и гарантира дека нема селективност по партиска или етничка припадност.