СДСМ и ДУИ со критики кон Владата – опозицијата бара итни мерки за намалување на цените и заштита на граѓаните

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Претседателот на опозициската СДСМ, Венко Филипче, упати остри критики кон Владата, која според него не им помага на граѓаните, а мерките како намалувањето на ДДВ за горивата не даваат реален ефект. Филипче ја повика Владата да ги прифати предложените мерки од СДСМ, како намалување на ДДВ на 0% за горивата и основните прехранбени производи, намалување на акцизата и патарините – мерки кои, според него, би довеле до конкретно намалување на цените и бенефит за граѓаните и компаниите. Тој побара и посебни мерки за најранливите категории, како семејствата со ниски приходи, пензионерите и лицата со посебни потреби.

„Освен цената на горивата, да се намали и ДДВ за основните прехранбени производи на 0%, да се намали акцизата за 4 денари! Така ќе има вистинско намалување на цената на горивата, од кое корист ќе имаат и граѓаните, затоа што сега тие не гледаат бенефит од намалувањето на ДДВ – и покрај тоа, цените се зголемија; со намалување на акцизата, цената по литар гориво ќе се намали, а директна корист ќе имаат и компаниите, бидејќи нема да се влијае врз синџирот на постојано зголемување на другите цени“, изјави претседателот на СДСМ, Венко Филипче.

И опозициската ДУИ ја критикуваше власта, наведувајќи дека Регулаторната комисија за енергетика им штети на граѓаните во услови на енергетска криза. Според нив, и покрај падот од околу 10% на цените на нафтените деривати на меѓународните берзи, цените во земјава остануваат високи поради застарен модел на пресметка кој се базира на просек од претходната недела, а не на движењата во реално време.

„Затоа бараме итна промена на правилникот за утврдување на цените, односно пресметка на цените најмалку двапати неделно! Фактите се алармантни – неделна потрошувачка: околу 12 милиони литри нафта, разлика во цена околу 9 денари по литар, вкупен дополнителен трошок: над 1,5 милиони евра само за една недела. Тоа значи дека граѓаните и малите бизниси плаќаат милиони повеќе, додека некој профитира од систем што не функционира како што треба“, изјави Албана Мустафа од ДУИ.

Инаку, двете опозициски партии СДСМ и ДУИ пред неколку дена излегоа со свои предлози за мерки со кои би се ублажила кризата предизвикана од растот на цените на горивата.

Во неделата, со цел да се ублажи растот на цените и да се заштити стандардот на граѓаните, Владата одлучи да го намали ДДВ за горивата од 18% на 10%.