СДСМ: Клековски даде само четвртина извештај за водата во Гостивар, ВМРО-ДПМНЕ: Не може да избегаат од одговорноста, со Лимани ја делат локалната власт

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Извештајот за резултатите од мерењата на квалитетот на водата во Гостиварско од јануари до август годинава, којшто го објави Министерството за здравство, предизвика нови меѓусебни обвинувања на опозицијата и власта.

Опозициската СДСМ вели дека ова е само четвртина и парче од податоците, критикувајќи го министерот за здравство, Сашо Клековски, за нетранспарентност.

„Најави целосен извештај за водата. А излезе само со дел, четвртина, парче. За останатото им рече на граѓаните: одете кај ЦУК, кај АХВ, кај „Комуналец“. Ако сакате да знаете што пиевте, шетајте. Соберете си го досието сами. Тоа не е транспарентност. Тоа е екскурзија.  Прво тој отиде на одмор додека Гостивар се труеше, додека се ширеше жолтицата и западнонилската треска. Сега граѓаните ги праќа на екскурзија по институции. Министерот што треба да го собере системот го растура одговорот на четири шалтери“, се вели во соопштението на СДСМ.

Како што велат оттаму, по 22 дена труење и околу 5.000 заболени, јавноста не бара брошура, тука бара еден документ: сите мостри, сите лаборатории, сите датуми, сите бактерии, сите вредности, кој потпишал дека водата е за пиење. 

“Ако нема што да се крие, зошто граѓанинот станува курир меѓу институции што се под иста власт? Клековски е министер, не туристички водич. Водата за пиење е јавно здравје. Јавното здравје не е сопственост на претпријатие.  Не е архива што се издава на барање. Се објавува. На едно место. Со потпис. Пред народот што пиеше фекалии 22 дена. Објавете го целиот извештај. Денес. Без упатства каде да одат граѓаните понатаму да бараат“, побараа од СДСМ. 

Од друга страна, владејачката ВМРО-ДПМНЕ возвратија дека еден месец СДСМ се обидува да избега од вистината, но, според нив фактите се јасни, заедно со Лимани ја делат локалната власт во Гостивар, а со тоа ја делат и одговорноста за состојбите во општината.

„Наместо да побараат одговорност од своите партнери во локалната власт и да ја признаат сопствената политичка одговорност, од СДС продолжуваат со обиди за префрлање на вината врз ВМРО-ДПМНЕ. Додека СДС ширеше политички обвинувања, Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ од самиот почеток беше со граѓаните на Гостивар и презеде конкретни мерки за надминување на кризата. На жителите им беше обезбедено бесплатно снабдување со вода, а надлежните институции постапија за да се надмине проблемот и да се заштитат граѓаните“, се наведува во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.

Оттаму посочуваат дека институциите постапиле, случајот се истражува, а водата повторно е безбедна за пиење.

„Граѓаните заслужуваат институции кои решаваат проблеми, а не политички игри и префрлање одговорност. ВМРО-ДПМНЕ останува посветена на решавање на проблемите на граѓаните и ќе продолжи да дејствува секаде кај што е најпотребно во интерес на граѓаните. А, СДС треба да престане да бега од одговорноста и да се соочи со фактот дека како дел од локалната власт во Гостивар ја дели одговорноста за состојбите во општината, вклучително и за проблемот“, сметаат во ВМРО-ДПМНЕ.

Инаку, според податоците што ги објави вчера Министерството за здравство, речиси секој втор примерок вода за пиење анализиран во гостиварскиот регион оваа година се покажал како неисправен. Податоците на Центарот за јавно здравје од подрачната едница во Гостивар покажаа дека, од 317 примероци анализирани во периодот од 1 јануари до 12 август оваа година, 159 се оценети како неисправни, додека 158 како исправни.