И денеска меѓусебни обвинувања меѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ за случајот околу Сашо Мијалков.
Од СДСМ бараат од Мицкоски да одговори дали се сретнувал со Мијалков во хотелот „Мериот“.
„Белиот дворец е во паника по донесената пресуда за предметот „Тврдина-Таргет“, бидејќи Мицкоски не успеа да го спаси и заштити криминалот на режимот.
Правдата е тука, законите важат за сите подеднакво, Мицкоски е поразен и од правдата и од граѓаните.
Јасно е дека спрегата Мериот-Белата палата се уште раководи со ВМРО-ДПМНЕ.
Затоа изминатите недели Христијан Мицкоски, Александар Николовски, Влатко Ѓорчев и други високи функционери на ВМРО-ДПМНЕ често биле во хотелот Мериот.
Граѓаните нека ценат зошто партиски настани на ВМРО-ДПМНЕ се организираат токму во Мериот и дали тоа можеби е поради долгот на Мицкоски кон Сашо Мијалков кој заедно со Груевски го стави на чело на ВМРО-ДПМНЕ?
Мицкоски е најповикан да одговори дали тогаш се среќавал и со Сашо Мијалков.“, се вели во соопштението на СДСМ.
Вратија од ВМРО-ДПМНЕ дека единствен кој се среќавал со Мијалков бил Зоран Заев, сакајќи, како што велат, да прават вештачка криза во партијата.
„Единствен кој што се сретнал со Мијалков е Заев, додека договарале да прават вештачка криза во ВМРО-ДПМНЕ.
СДСМ молчи и дали Мијалков во ЈО дошол со владин службен црн пасат?
Дали Мијалков и дента пред да се предаде бил со Заев, каде е договорено да биде пуштен на слобода за 60 дена, а Апелација да му ја намали казната?
СДСМ молчи за целиот театар на Мијалков кој е во режија на Заев. Режијата е толку бедна, што имаат куп пропусти. Мијалков стигнал во ЈО во 16 часот, а пред камери глумеше во 16.40 часот. Каде бил 40 минути и зошто наместо да оди во притвор, тој се шета наоколу и глуми изненаден?“, се вели во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.
