СДСМ: Наместо зголемени плати, власта ја зголеми цената на струјата – ВМРО-ДПМНЕ: СДСМ без кредибилитет, струјата поскапе 50% во нивно време

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Наместо да ги зголеми платите и пензиите, власта ги зголеми сметките за електрична енергија, обвинува опозициската СДСМ. Оттаму додаваат дека поскапувањето на струјата и прогласувањето кризна состојба не се поради протестите во Грција, туку поради криминалните тендери и неспособноста во енергетскиот сектор, предводен од Сања Божиновска. Генералниот секретар на социјалдемократите изјави дека оваа година имаме историски најниско домашно производство на електрична енергија, ниту половина од планираните 5.100 GWh.

„Наместо енергијата да се произведува во земјата, по цена од 80 до 90 евра за мегават-час, Владата купува енергија по 140 евра за мегават-час. Колку ги чини тоа граѓаните? 77 милиони евра загуби само за првите два квартали од 2025 година, а проекцијата е дека до крајот на годината загубите ќе надминат 100 милиони евра“, вели Александар Саша Димитриевиќ.

Од СДСМ прашуваат кој профитира од скапиот увоз на струја, при што го повикуваат Јавното обвинителство да отвори истрага за загубите од 100 милиони евра.

Во својот контраодговор, владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ праша со каков кредибилитет СДСМ зборува за зголемувањето на цената на струјата, кога високите сметки граѓаните ги плаќале токму за време на владеењето на СДСМ, бидејќи во седумте години на власт струјата поскапела за 50%.

„Вистинското место каде што СДСМ треба да се обрати за состојбата во енергетиката се нивните функционери и кадрите назначени да го ограбуваат енергетскиот сектор. Затоа што парите од овој, за нив профитабилен бизнис, се во криминалните тендери што СДСМ, преку нивните раководства во енергетските компании, ги местеше, поради што над 50 нивни функционери имаат кривични пријави, меѓу кои и Васко Ковачевски, кој е во бегство со украдените пари“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Од ВМРО-ДПМНЕ истакнуваат дека актуелната Влада силно инвестира во консолидација на енергетскиот сектор, ги субвенционира сметките за граѓаните и, со најниското зголемување на цената на струјата во Европа, има за цел заштита на животниот стандард и зајакнување на енергетската независност.