СДСМ: Нацрт-извештајот на ЕП ја потврди вистината – Нема реформи, нема напредок

НАЈНОВИ ВЕСТИ

СДСМ соопшти дека нацрт-извештајот на Европскиот парламент за напредокот на земјата ги потврдува забелешките што опозициската партија подолг период ги изнесува во однос на реформите, владеењето на правото и борбата против корупцијата.

Од партијата наведуваат дека во извештајот се нотира недостаток на напредок во реформите, особено во делот на владеењето на правото. Според СДСМ, Европскиот парламент изразува загриженост поради состојбите во судскиот систем, независноста на судовите и обвинителството, како и поради недоволниот напредок во зајакнувањето на правната држава и механизмите за борба против корупцијата.

Во соопштението се посочува дека во документот се повикуваат политичките чинители да се воздржат од политичко влијание врз правосудството, а се нагласува и важноста од зајакнување на независноста на судството и на Судскиот совет, согласно препораките на Венецијанската комисија.

СДСМ истакнува дека во извештајот со загриженост се констатира отсуство на напредок во спречувањето и борбата против корупцијата, која, како што наведуваат, останува присутна во многу области. Од партијата велат дека посебна загриженост предизвикуваат измените на Кривичниот законик, за кои претходно предупредувале дека можат да создадат неказнивост за носителите на јавни функции.

Воедно, се посочува и на значителниот јаз меѓу најавените истраги за корупција и конечните судски пресуди во случаи на корупција на високо ниво.

Опозициската партија наведува дека во извештајот е изразена загриженост и за, како што велат, стратешкото преземање на дел од медиумскиот простор од унгарски медиумски субјекти, што според нив овозможува ширење на антиевропски наративи.

СДСМ оценува дека ваквите наоди претставуваат потврда на нивните претходни предупредувања за состојбите во државата. Од партијата ја обвинуваат Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ за водење антиевропска политика и за застој во реформскиот процес, тврдејќи дека тоа ја оддалечува земјата од европската интеграција.

Според СДСМ, наместо напредок кон Европската Унија, државата се соочува со изолација поради недостиг на реформи и слабости во владеењето на правото и борбата против корупцијата.