„На овој лист е напишано барање до ова собрание за разрешување на господинот Никола Тодоров од министер за здравство. Како подносител е напишано вашето име. Само со еден потпис на ова барање, можете да го решите проблемот со кој што секојдневно се соочуваат сите македонски граѓани, а тоа е водење лоша политика во здравството“.
Вака пратеничката од СДСМ Рената Десковска побара од премиерот да го разреши министерот за здравство Никола Тодоров. Таа додаде дека бројките за смртност на новороденчињата во Македонија е голема и дека според европската статистика „Еуростат“ во 2013 година во Македонија починале 229 доенчиња. Според неа поради чувство на одговорност до сега Тодоров требал сам да си поднесе оставка.
Премиерот Никола Груевски пак и врати дека легитимно е опозицијата да бара виновник за состојбата во здравството и вели дека откако Тодоров е министер за здравство, состојбите се значително подобрени.
„Не е работа на политичарите да одредат зошто некој починал и која е вината за сето тоа, затоа постојат институции кои вршат истражувања, анализи кои се достапни за јавноста и од кои се гледа кој како работи, ако имало некоја грешка кој е виновен за таа грешка, кој треба да сноси одговорност, а не само да се вперува со прст во некого само за да се придобијат политички поени, само да се излезе дека се има грижа кон граѓаните, а граѓаните добро знаат дека кога СДСМ беше на власт немаше ни дел од ова што сега го имаат како услуга.“
Министерот Тодоров пред почетокот на денешните пратенички прашања се појави во собраниската сала, но само кратко. За време на пратеничките прашањата не беше присутен во салата.
