Знамето што беше дел од дизајнот на музичко-сценскиот спектакл „Силно светнал ден“ во Охрид, кој го означи почетокот на одбележувањето на 35-годишнината од независноста, е нова причина за препукувања меѓу опозициската СДСМ и владејачката ВМРО-ДПМНЕ.
Опозициската СДСМ го смета дека власта го утнала македонското знаме на официјална државна прослава на 35 години од независноста, оценувајќи го тоа како срамно и понижувачки.
„За тендери и провизии од милионски бизниси – тие се експерти. За македонско знаме – аматери. Неспособни се македонското државно знаме да го направат како треба. Владата сега да излезе пред граѓаните и да каже: Која компанија била ангажирана? Кој бил задолжен за сценографијата и визуелниот идентитет? Колку пари се потрошени? Кој ќе понесе одговорност за ваквото понижување на македонскиот државен симбол?“, прашуваат од СДСМ во нивното соопштение за јавноста.
Од друга страна, владејачката ВМРО-ДПМНЕ реагираше со став дека на СДСМ сега им смета и македонското сонце и уметничката инсталација, каде знамето од повеќекрако сонце се претопува во македонското знаме со осум краци.
„Партијата чии лидери ја бришат историјата за станови во Дубаи, фирми во Бугарија, јахти во Грција, нема кредибилитет да говори за понижување. Партијата која го избриша АСНОМ од Уставот, која вели дека Македонија постои од 1944 година, која вели дека сме биле Бугари пред тоа, е лицемерно да зборува за понижување. Настанот „Силно светнал ден“ по повод 35 години независност, е поздравен од сите граѓани и ја обедини државата, а само Филипче и тие неколкумина околу него пробуваат да го оцрнат проектот“, се вели во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.
