Политичките реакции по одбележувањето на 36-годишнината од основањето на ВМРО-ДПМНЕ во Струмица продолжија со меѓусебни обвинувања меѓу владејачката партија и опозицискиот СДСМ.
Од СДСМ прашаа колку ги чинела граѓаните прославата на ВМРО-ДПМНЕ, обвинувајќи дека настанот бил организиран со народни средства во време кога граѓаните, како што велат, се соочуваат со раст на цените и економски проблеми.
„Колку ги чинеше граѓаните на Македонија прославата на Мицкоски и ВМРО во Струмица? 300 000 евра? 500 000 евра? Или многу повеќе? Превоз со автобуси, списоци од вработени по јавна администрација од цела Македонија, дневници? Колку ги чинеше тоа граѓаните? Како да го донеле Дејвид Гета? Колку платија граѓаните за Мицкоски да ги слави неуспесите и извештајот на Европскиот парламент за изолацијата на Македонија?“, прашаа од СДСМ.
Од опозициската партија оценија дека нема средства за повисоки плати, земјоделски субвенции, минимална плата од 600 евра и поддршка за младите, но, според нив, има средства за „криминални тендери и луксуз на владејачката ВМРО“.
Во соопштението, од СДСМ се осврнаа и на самиот настан во Струмица, каде што имаше музичка програма, прикажување сцени од историски личности со помош на вештачка интелигенција, како и документарен филм за развојот на партијата.
Од ВМРО-ДПМНЕ ги отфрлија критиките и возвратија дека нивната партија е „заедно со народот“, додека СДСМ, според нив, е партија на маргините поради своите политики.
„ВМРО-ДПМНЕ е партија на народот и заедно со граѓаните го одбележи 36-от роденден на партијата, која се бореше и донесе независност на татковината, направи многу проекти чиј бенефит го чувствуваат граѓаните и ја претставува државата исправено, гордо и достоинствено пред светот“, наведоа од владејачката партија.
Од ВМРО-ДПМНЕ упатија критики кон СДСМ, обвинувајќи дека опозициската партија својот роденден го прославувала во затворен круг и дека избегнувала да зборува за актуелните теми.
„И сфаќаме дека се плашат и нема ниту збор од СДС за она што се актуелни теми. Уплашени и кукавички се кријат зад соопштенија додека Филипче шета низ светот“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Од владејачката партија порачаа дека разликата меѓу двете партии е во тоа што, според нив, ВМРО-ДПМНЕ е со граѓаните, додека СДСМ „бега од нив“.
