Наместо програма ВМРО-ДПМНЕ на граѓаните повторно им нуди празни ветувања. Ова е реакцијата која дојде од СДСМ откако вчера Мицкоски ја претстави програмата на партијата за претстојните парламентарните избори. Мартин Костовски од владејачката СДСМ обвинувајќи ја опозициската ВМРО-ДПМНЕ дека не направиле ништо досега во општините каде се тие градоначалници, рече дека и оваа програма која не им нуди ништо на граѓаните.
„ДПМНЕ наместо програма, на граѓаните им нуди нови празни ветувања. Главниот град Скопје и над 40 општини кои се под капата на ДПМНЕ се најголем пример за сите лажни ветувања на оваа партија. Ветуваа модерни општини, бесплатен превоз, еко автобуси, капитални проекти, спортски сали, паркови, школи, улици, водоводи. Поминаа 2,5 години а ништо од тоа ДПМНЕ не направи“, вели Мартин Костовски.
Вчера Мицкоски презентирајќи ја програмата насловена како „Платформа 1198“ најави клучни проекти а рече дека програмата е базирана на неколку столба. Меѓу другото како услов за коалицијата по изборите го најави укинувањето на балансерот.
„Ова е услов исто така, кој сака да биде во коалиција со идниот убедлив победник на парламентарните избори ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата која што ја предводи, ќе мора да седне и да преговара и да е сложи за укинување на балансерот, затоа што цениме дека е неправичен, дека фаворизира, дискриминира. И ако навистина сите ние се стремиме кон ценење на квалитетот на индивидуата или мерит системот тогаш навистина не гледам пречка зошто политичките партии консензуално не се сложат за укинување на балансерот“, вели Христијан Мицкоски.
Покрај ВМРО-ДПМНЕ изминатиот викенд СДСМ го претстави својот план за европската иднина на државата, а ги претстави и листите со кандидати за парламентарните избори кои ќе се одржат на 8 мај.
