СДСМ: Реформите на власта се само илузија, ВМРО-ДПМНЕ: Лидер во Реформската агенда за Западен Балкан е Македонија

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Реформите на власта се само илузија, велат од СДСМ, и додаваат дека Брисел по скратена постапка побарал измени на Законот за судски совет. Од таму кажуваат дека посочувале за законот дека е усвоен без целосно почитување на препораките на Оценската мисија и Венецијанската комисија.

„Брисел по скратена постапка бара измени на Законот за Судски совет. А, владата со месеци го претставуваше Законот како доказ за наводен реформски напредок. Сега стигна потврдата дека со манипулации и со трикови реформи нема. СДСМ за ова предупредуваше уште од самиот почеток. Претседателот Филипче, јавно посочуваше дека законот е усвоен без целосно почитување на препораките на Оценската мисија и Венецијанската комисија. Истото беше нотирано и во забелешките што СДСМ ги достави, но Филков и Мицкоски намерно ги игнорираа. Денес се покажува дека СДСМ бил целосно во право. Ова е уште еден доказ дека реформите на власта се само илузија, лага и манипулација“, велат од СДСМ.

Од ВМРО-ДПМНЕ, пак, велат дека лидер во Реформската агенда за Западен Балкна е Македонија, и дека од 4 извештаи, Македонија три пати е на првото место во исполнување на реформите.

„Лидер во Реформската агенда за Западен Балкан е Македонија. Не Црна Гора која е фронтранер за влез во ЕУ, не Албанија за која исто така се вели дека е фронтранер, не Србија, Босна и Херцеговина или Косово. Македонија. Од 4 извештаи за Реформската агенда, Македонија 3 пати е на првото место во исполнување на реформите. Последен доказ за тоа се доделените 65,7 милиони евра за Македонија од Европската комисија за остварување на реформите. Ако не правите реформи нема да има пари. Со тоа што имаме најмногу добиено од цел регион, тезата на СДС пропаѓа во вода. А токму тоа им смета на СДС, кои не знаат како да се однесуваат кога некој во државата работи во интерес на граѓаните. Тие се навикнати на неработа, на крадење и на местење тендери, договори и анекси“, соопштија од ВМРО-ДПМНЕ.