Трипуновски и Министерството за земјоделство во овие две години, наместо да биде сервис на земјоделците, се симбол за скандали и криминал. Ова стоеше во дел од образложението за интерпелацијата за министерот, поднесена од страна на СДСМ, која ја образложи пратеникот Љупчо Николовски. Како што изјави тој Трипуновски како министер нема да бидат запаметен по реформи и развој, туку по корупциски скандали, блокирани европски програми, уништени институционални капацитети и политики кои ги оставија земјоделците без навремена поддршка.
„Министре вашиот мандат има три зборови. Не исполнето ниту едно дадено ветување, што значи огромна лага кон земјоделците, ароганција на која што се незадоволни, токму овие колеги што ви ја дадоа поддршката и тоа многу јасно и директно ни го кажуваат, не само земјоделците, и она што е најкатастрофално корупција на сите нивоа околу вас. Каде и да погледнат земјоделците денес гледаат едно исто, а тоа се малку пари во своите џебови, немање доверба во институциите и многу причини да се чувствуваат измамени“, вели Љупчо Николовски.
Трипуновски, возврати со контраобвинување. Го посочи Љупчо Николовски како главен виновник за состојбите во земјоделитето, бидејќи тој беше министер во овој сектор. Трипуновски потсети и каква состојба затекнал кога се променила власта.
„Почитуван пратеник, јас цело време ве гледам вас и ви се обраќам, бидејќи вие сте главниот виновник за она што го наследивме во ресорот земјоделство. Да ве потсетам дека оставивте над 1600 вработени во Национални шуми без плата повеќе од 4 месеци. Претпријатие кое што го превработивте и ги оставивте 4 месеци, сега зборувате за грижа за граѓани, земјоделци. Четири месеци ги оставивте без плата, без здравствено, без пензиско осигурување. Во АД Водостопанство, повеќе од пет месеци оставивте повеќе од 500 вработени без плата. Тогаш не ви беше грижа за овие претпријатија, не водевте сметка за овие луѓе?“, вели Цветан Трипуновски.
По нивните обраќања следуваа и говори на пратеници од двете партии, кои во меѓусебно се обвинуваа кој е виновникот за лошата состојба на земјоделците. Инаку, според деловникот на Собранието, расправата за интерпелацијата трае еден работен ден, до исцрпувањето на пријавените говорници, а гласањето треба да заврши до полноќ.
