СДСМ: Цела Македонија отруена, а одговорен сè уште нема, ВМРО-ДПМНЕ: Филипче нема право да глуми борец за јавното здравје, бил директно вклучен во труењето на граѓаните со години

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Продолжуваат меѓусебните обвинувања на власта и опозицијата за случајот со загадената вода во Гостивар и за други случаи кои се појавија во повеќе населени места во земјава. Додека СДСМ наведува повеќе населени места и ја обвинува ВМРО-ДПМНЕ дека во двете години владеење немаат систем и одговорност, од владејачката партија возвраќаат потсетувајќи на времето на владеењето на СДСМ, кога, според нив, институциите пријавувале бројни случаи на неисправна вода, а Филипче како министер не постапувал.

Во соопштение за јавноста, опозициската СДСМ вели дека ова повеќе не е криза туку системско труење на државата, поради целосна неодговорност на премиерот и владејачката партија.

„Гостивар. Крушево. Валандово. Булачани. Пласница. Лешок. Преглово. Маврово.Рич. Белотино. Башино Село. Елшани. Велестово. Сушица. Зубово. Дражево. Борисово. Колешино. Ново Коњарево. И реките Лепенец и Вардар. И тоа во регион каде што се близу бунарите кои го дополнуваат изворот Рашче. Цела Македонија останува без безбедна вода за пиење. А одговорен – сè уште нема. Ниту еден“, велат од СДСМ.

Од владејачката ВМРО-ДПМНЕ, пак, посочуваат случаи на загадување и несиправна вода за пиење и документи од 2019 и 2021 година во Крушево, Студеничани, Зелениково, Петровец, Аеродром, за кои велат дека стигнале до Министерството за здравство и тогашниот министер Филипче, кој знаел за случаите но не ги известил граѓаните, кои завршувале по болници и не знаеле што им е.

„Наместо денес да дели лекции и да шири политички обвинувања, Филипче најпрво треба да им даде одговор на граѓаните зошто не постапувал по пријавите на институциите додека тој бил на чело на Министерството за здравство. Очекуваме надлежните органи целосно да го расчистат случајот и да утврдат дали имало пропусти и очекуваме одговорност. Граѓаните ја заслужуваат вистината, а не селективна загриженост која се појавува само кога Филипче е во опозиција“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.