„Се чудам кога читам дека сум молчела“ – Претседателката со коментар за спојувањето на Агенцијата за разузнавање и АНБ

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Откако опозицијата ја повика претседателката Гордана Сиљановска Давкова да го запре најавеното спојување на Агенцијата за национална безбедност и Агенцијата за разузнавање, таа истакна дека мислењето ќе го каже кога за реформата ќе се отвори јавна дебата. Претседателката, за ТВ21, потсети дека ваквиот Закон би го предложила Владата.

„Ако се мисли за реформи, треба да се започне со дискусија околу тоа. Јас не сум овластен предлагач на Законот, значи, додека постојат овие закони таа е реалноста“, вели Гордана Сиљановска Давкова.

Претходно премиерот Христијан Мицкоски истакна дека зборувал со претседателката за идејата за спојување на двете агенции, но сепак, таа во јавноста засега нема да го каже својот став.

„Тогаш кога ќе има разговор околу тоа, јас би можела да кажам, ама сега јас се чудам кога читам „претседателката молчи и не кажува за спојувањето на агенциите“ – мислам дека воопшто не е момент за изјаснување за тоа“, вели Гордана Сиљановска Давкова.

Од опозицијата неодамна ја повикаа претседателката да не се откажува нејзините надлежности, со оглед дека Агенцијата за разузнавање работи под нејзина капа. Според претседателот на СДСМ, Венко Филипче, новата агенција би била многу гломазна институција којашто тешко ќе се контролира, потсетувајќи на злоупотребите од минатото.

„Ја повикувам и претседателката Сиљановска Давкова да заземе свој став и да го запре најавеното фузионирање на АНБ со Агенцијата за разузнавање, да не се откажува од нејзините ингеренции“, вели Венко Филипче.

Мицкоски го најави спојувањето на АНБ и Агенцијата за разузнавање за следната година. Според него, ваквата безбедносна реформа е спроведена кај најголемиот дел од партнерите од НАТО Алијансата. Сепак, за вакво потфат, на премиерот ќе му биде потребно двотретинско мнозинство во Собранието.