Во тек е уредувањето на просторот зад Собранието, каде што се гради нов паркинг наменет за возилата на пратениците и службениците. Паркиралиштето се наоѓа во непосредна близина на Домот на АРМ, информира собранискиот спикер Африм Гаши.
Гаши посочи дека одблиску го следи текот на градежните активности, со кои, како што вели, просторот околу Собранието треба да добие пофункционален и поуреден изглед.
„Одблиску го следев текот на градежните работи за уредување на просторот околу Собранието. Овој простор добива поуреден и пофункционален изглед, создавајќи подобри услови за паркирање и за секојдневните потреби на Собранието. Продолжуваме со конкретна работа и со внимание кон секој простор што придонесува за поефикасно функционирање на Собранието“, објави Гаши.
За уредувањето на просторот и изградбата на паркингот ќе бидат издвоени нешто повеќе од 1,6 милиони евра.
За изведувач на работите е избрана фирмата „Стентон градба“, со која Собранието склучило договор на 8 јуни годинава. Предвидениот рок за реализација на проектот е една година.
На оваа локација првично беше планирана изградба на катна гаража, при што дел од објектот требаше да биде наменет за деловни простории, угостителски објекти и продавници.
Плановите, сепак, беа променети откако со закон земјиштето беше прогласено за безбедносна зона, со што беше оневозможена изградба на ваков тип објект. Поради тоа беше најавено и обесштетување на фирмата која претходно го купила земјиштето.
