Скоро 6 часа адвокатите на одбраната во случајот „Монструм„ ги презентираа завршните зборови, а обвинетите накусо рекоа дека не се сторители на петкратното убиство кај Смилковски езеро. Тие побараа судот да пресуди праведно.
Агим Исмаиловиќ, за кого се бара доживотна казна се колнеше дека не го извршил убиството.
„Како што се колнете вие во вашата правда, така и јас се колнам дека ова дело не сум го сторил…имам две деца…како што не сакам на моите деца да им се случи нешто…исто и на другите…ми направија тест недела дена пред да ме приведат, бевме и двајцата со Хаки. Се поставува прашањето зошто не не приведоа тој ден мене и Африм ако имале докази.“, рече Исмаиловиќ.
И адвокатот, Рауфи, останува на зборовите кои ги кажа во текот на целиот судски процес, дека случајот е монтиран. Тој ги оспори доказите на обвинителството но и самото обвинение, и рече дека обвинителството не успеа во текот на целиот судски процес да најде мотив за убиство, а ниту вистинските строители.
Од друга страна адвокатите на жртвите побараа максимална казна за обвинетите, бидејќи, како што велат докажани се кривичните дела. Меѓу другото Ивановска рече дека повторното судење не сменило ништо туку само се одолжил процесот.
И додека траеше судското рочиште, за целото тоа време околу Кривичен суд имаше засилено полициско присуство за чување на редот доколку евентуално се случи нешто. Пресудата за “Монструм“ е закажана за 23 февруари.