Се одложува доаѓањето на делегацијата на УНЕСКО во Македонија за да се дискутира за забелешките поврзани со инфраструктурните зафати на Коридорот 8 во заштитеното културно и природно подрачје. Иако првично беше најавено дека претставниците на УНЕСКО ќе пристигнат во средината на мај, денес министерот за транспорт Александар Николоски изјави дека, по нивно барање, посетата може да се реализира во средината на јуни.
– Предизвикот што го имаме со УНЕСКО, сакам да бидам јасен, не е доведено во прашање дали до Струга или Ќафасан ќе имаме автопатско решение, туку прашањето е по која траса ќе се движиме и тоа ќе го дискутираме денес со претставниците на ЕУ и за време на посетата на делегацијата на УНЕСКО, кои дадоа два термина – крајот на мај или средината на јуни, и заеднички ќе најдеме решение, изјави министерот Николоски.
Од Канцеларијата на ЕУ во Скопје ја споменуваат Тиранската декларација потпишана на 18 февруари 2026 година, со која земјите вклучени во овој коридор ја покажаа подготвеноста за реализација на проектот. Заменик-амбасадорот Бен Нупнау изјави дека, покрај воениот аспект, овој коридор се користи и за олеснување на трговијата и движењето на граѓаните.
– Треба да ја истакнам стратешката важност на Коридорот 8, бидејќи од него ќе имаат корист и граѓаните и државите кои се дел од него. Прво, во услови на геополитичка криза каква што имаме денес, ќе го нагласам безбедносниот аспект, бидејќи преку овој коридор ќе се поврзат две мориња, што ќе го олесни сообраќајот, односно ќе ја зголеми воената мобилност меѓу овие земји, што претставува важна компонента за безбедноста на земјите-членки на НАТО и ќе ја зголеми безбедноста на целиот европски континент, изјави заменик амбасадорот на ЕУ, Бен Нупнау.
Во моментов, конзорциумот „Бехтел и Енка“ продолжува со работите на делниците Тетово – Гостивар и Гостивар – Букојчани. Се работи и на автопатот Кичево – Охрид, додека делницата Букојчани – Кичево е во фаза на избор на изведувач. На крај останува да се дискутира и делницата Требеништа – Ќафасан.
Од Министерството за транспорт велат дека другите делници напредуваат добро, споменувајќи ја реконструкцијата на граничниот премин Деве Баир и пуштањето во употреба на обиколницата на Крива Паланка, од каде што работите се при крај на магистралниот пат кон Страцин, додека за следната година се очекува да започнат работите и на магистралниот пат Страцин – Куманово. Од границата со Бугарија до границата со Албанија, трасата на Коридорот 8 ќе биде составена од автопат и магистрален пат, при што се реконструира и граничниот премин Ќафасан.
