Се одолговлекуваат ли измените на законот? Даути: Ги завршивме обврските, комисијата можеше да се свика досега

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Албанската опозиција и Владата пред неколку недели потврдија дека се договориле околу измените на Законот за државјанство, но засега работите тапкаат во место. Пратеничката од коалицијата Алијанса за Албанците-Алтернатива, Илире Даути, вели дека пред две недели ги завршиле сите обврски кои произлегуваат од договорот со Владата во однос на законот.

„Од тој ден па наваму требаше да се свика Комисијата за одбрана и безбедност, обврска која тие ја преземаа, бидејќи со Комисијата за одбрана и безбедност раководат тие. Реално, досега имаше доволно време за да се свика. Мислиме дека околу важноста на законот не треба да се губи време и дека Комисијата треба да биде свикана час поскоро“, рече Илире Даути пратеничка на АА-ААА .

Амандманите се доставени до координаторот на СДСМ, Јован Митревски, кој пак, потоа требаше да ѝ ги проследи на Комисијата за одбрана и безбедност, но како што вели, в четвртокот бил информиран дека амандманите се согласно договореното меѓу власта и опозицијата.


„Ги добив. Очекувам оваа недела да се заврши процедурата. Не се доставуваат до Комисијата бидејќи рокот за амандмани е поминат уште кога го блокираше ВМРО-ДПМНЕ. На самата седница на Комисијата треба да се предложат како комисиски амандмани. В четвртокот добив информација дека се во согласност со тоа што е договорено“,посочи Јован Митревски, координатор на пратеничка група на СДСМ.

Претседателот на Комисијата за одбрана и безбедност, Миле Талевски, за ТВ21 потврди дека рокот за доставување на амандманите е поминат и дека сега „останува можноста само да се предложат и усвојат комисиските амандмани на самото продолжение на седницата на Комисијата“.

Коалицијата АА-ААА поднесе 10 амандмани преку кои се стреми кон измена на Законот за државјанство. Целта на измените е олеснување при добивање државјанство. За да го постигне ова, албанската опозициска коалиција преку илјадници амандмани блокираше неколку закони во законодавниот дом, поради тоа што нивниот предлог-закон исто така наиде на блокада со амандмани од опозициската ВМРО-ДПМНЕ.