Се пофали со фотографија, па ја разгоре дебатата јазикот – ДУИ го обвинува ВЛЕН за неспроведување на Законот за јазици

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Повторно се разгоре дебатата меѓу ДУИ и коалицијата ВЛЕН во врска со спроведувањето на Законот за употреба на јазиците. Од ДУИ обвинуваат дека пратеник од ВЛЕН самиот открил дека Владата не го почитува законот. Според нив, фотографија објавена вчера од претставници на ВЛЕН, која имала за цел да го прикаже како успех двојазичното објавување на документите во „Службен весник“, всушност се покажала како доказ за неспроведување на законот од страна на институциите.

„Службен весник не функционира врз основа на политичка желба, ниту врз основа на моментална волја. Тој има законска обврска објавите да ги објавува на два јазика, согласно важечкиот правен поредок. Значи, пратеникот од ВЛЕН, во обид да се пофали, всушност го промовираше спроведувањето на закон кој тие секојдневно го оспоруваат. Уште посериозно, со самата споредба што ја направи со другите институции, јавно призна дека многу институции не ја почитуваат законската обврска за употреба на албанскиот јазик“, велат од ДУИ.

Оваа реакција на опозицијата доаѓа откако пратеникот од владејачкото мнозинство, Аднан Азизи, на Фејсбук напиша дека албанскиот јазик не е загрозен и дека тие го гарантираат тоа, додавајќи дека Собранието 100% го почитува албанскиот јазик. Меѓутоа, на објавената фотографија од „Службен весник“ се гледаат и податоци за употребата на албанскиот јазик од страна на Владата и Претседателот на државата во актите објавени во текот на 2025 година, каде што во графата „јазик што го зборуваат 20% од граѓаните“ стои нула.

„100% од актите донесени од Собранието во текот на минатата година се во согласност со Законот за употреба на јазиците. Тоа го потврдуваат податоците од извештајот објавен во ’Службен весник‘ за 2025 година. Во меѓувреме, никој повеќе од пратениците од албанската опозиција не манипулирал со темата за албанскиот јазик. Тие што пред камерите се претставуваат како бранители на албанскиот јазик, цел ден зборуваат на македонски“, вели Аднан Азизи, пратеник на ВЛЕН.

За ова побаравме став и од коалицијата ВЛЕН, но не добивме одговор.