Се празнат селата во Боговиње – се затвора училиштето во Селце Кеч, нема ниту еден запишан ученик

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Патот кон подрачното училиште „Абдил Фрашери“ во селото Селце Кеч денес е целосно празен. Дворот каде што некогаш се слушаше детски џагор, овој септември е празен. Поради тоа што нема деца, Министерството за образование одлучи годинава вратите од училиштето да останат затворени.

„Ова е подрачното училиште „Абдил Фрашери“ во селото Селце Кеч, во Општина Боговиње. Ова училиште, со одлука на Министерството за образование, годинава е затворено поради тоа што повеќе нема ниту еден запишан ученик во прво одделение или во другите одделенија.“, рече репортерот на ТВ21.

Локалните образовни власти потврдуваат дека во училиштето нема ниту една активна паралелка. Иако административните постапки за неговото конечно правно затворање сè уште траат, наставниот процес тука целосно е прекинат.

„Конкретниот случај, врз основа на податоците што ни ги достави основното училиште „Абдил Фрашери“, поточно за подрачното училиште во селото Селце Кечко, немаме запишано ниту еден ученик и немаме ниту еден ученик од второ до деветто одделение. И де факто ние, нормално, ја информиравме Министерството дека тоа училиште нема ниту еден ученик. Ние, нормално, правно сè уште не сме го затвориле тоа училиште, со надеж дека можеби во иднина ќе имаме некој ученик. Но, во податоците што ги доставивме до Министерството, пренесовме дека тоа училиште моментално нема ученици. Доколку во текот на годината се појави некој ученик, односно тој ќе биде префрлен со превоз во централното училиште во Боговиње.“, вели Минур Асани.

Селце Кеч не е единственото село кое се соочува со празни училишни клупи. Алармантниот тренд на намалување на бројот на ученици ги погодува и другите населени места во Општина Боговиње, како Јеловјане, каде што во сите одделенија има само тројца ученици, додека во прво одделение не е запишан ниту еден нов ученик.

„Да, во селото Јеловјане во моментов во прво одделение нема запишано ниту еден ученик. Во Ново Село имаме 18 ученици“, вели Минур Асани.

Новинар: „Колку ученици има вкупно во селото Јеловјане?“

„Вкупно таму има 3 ученици.“

Состојбата во Боговиње е одраз на поширок проблем на национално ниво. Само за оваа учебна година, Министерството за образование донесе одлука за затворање на 26 подрачни училишта низ Македонија, како последица на празнењето на селата и драстичниот пад на наталитетот.