Дали барањата на албанските партии со отворањето на Уставот за внесување на Бугарите во Преамбулата да се избрише и формулацијата 20% би можело да го усложни но и попречи процесот на уставните измени.
Народниот правобранител Насер Зибери во вчерашната емисија Клик плус на ТВ21 рече дека сега не е време за такви барања. Тајмингот кога се наметнува таквото прашање е проблематичен и дискутабилен бидејќи членството во Европската унија е интерес на сите граѓани вклучително и на албанската заедница, вели Зибери.
„Еден ден завршување на тие преговори и полноправно членство во Европската унија е капитално прашање кое сметам дека не може, не треба и не смее да се попречува со наметнување на било какви други прашања кои се разбира може да се оправдани, да се потребни, но ако тоа претставува пречка за постигнување на оваа цел мислам дека е недозволиво“, вели Насер Зибери.
Досега само дел од парламентарните партии го потврдија присуството на лидерската. Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски пред два дена на првата изјава по најавата на Ковачевски за средбата рече дека ќе оди бидејќи ако не одел ќе му забележале дека е против интеграцијата во Европската унија, за вчера да каже дека не рекол дека ќе биде присутен. Денеска вели дека одлуката ќе ја донесе во текот на викендов.
„Се надевам дека попатно ќе можам да се консултирам телефонски со коалиционите партнери, со пратеничката група, со Извршниот комитет и ете веќе во текот на утрешниот ден ќе го соопштиме ставот дали ќе одиме, ако не одиме зошто нема да одиме“, вели Христијан Мицкоски.
Од ДУИ велат дека тие ќе присуствуваат на средбата в понеделник што ја закажа премиерот Ковачевски, а тоа го потврдија и од Алијанса за Албанците.
„Во понеделник во 12 часот ќе бидеме во парламентот каде што ќе разговараме за идната европска перспектива на Република Македонија, меѓутоа и евентуалните промени кои што треба да се направат во Уставот. Јас се надевам дека ќе има конструктивна дебата, Алијанса за Албанците ќе биде директен учесник во тој настан и ќе даде максимум од себе за да се помине што полесно овој период додека се случат уставните промени во Република Македонија“, порача Арбен Таравари.
За тоа дали ќе одат или не на лидерската се уште нема став од Беса. Потпретседателот на движењето Аријанит Хоџа за ТВ21 само кратко изјави дека одлуката ќе ја донесат во текот на викендов. Лидерската треба да се одржи в понеделник во Собранието. Согласно францускиот предлог услов за членство на земјава во Европската унија е да се донесат уставни измени со што треба да се внесат Бугарите во Преамбулата. За негово усвојување потребно е двотретинско мнозинство, односно за измените да гласаат најмалку 80 пратеници.
