Дел од ѕид на објект се сруши на паркинг-простор во Битола, при што беа оштетени неколку паркирани автомобили. Инцидентот се случил на паркингот зад зградата ЈАТ, по што на терен веднаш интервенирала полицијата.
Полициски екипи извршиле увид на лице место и направиле записник за настанот, а надлежните служби ги утврдуваат причините за уривањето на ѕидот, како и висината на причинетата материјална штета. Настанот предизвика вознемиреност кај жителите кои ги паркираат своите возила на оваа локација.
Еден од оштетените граѓани изјави дека неговото возило е целосно оштетено.
„Падна дел од ѕидот врз нашето возило. Полицијата направи записник, а штетата е толку голема што автомобилот практично не може да се поправи. Ќе преземеме правни мерки“, изјави оштетениот граѓанин.
Со слично искуство се соочија и други кои исто така имаат оштетени возила.
Надлежните институции најавуваат дека по завршување на постапката ќе бидат преземени соодветни мерки во согласност со законските надлежности.
