Нè делат 5 месеци од локалните избори, а политичките партии се уште не постигнале консензус за измената на изборниот законик. Работната група во чиј состав се претставници на партиите, се сретна вчера повторно во Клубот на пратениците, но разликите не се надминаа. За измените за локалните избори имаат приближен став, но за парламентарните избори и бројот на изборните единици, разликите останале големи.
Првата точка за која се разговарало на средбата како итно прашање се измените на моделот на локалните избори. Иако станува збор за закон, Јован Митревски од СДСМ за ТВ21 вели дека за моделот на локалните избори и парламентарните, се зборува како за две различни прашања. Социјалдемократите се за отворени листи на локалните избори.
Што се однесува до парламентарните избори, СДСМ е за една изборна единица, меѓутоа Митревски вели дека за оваа разлика треба да има консензус меѓу сите партии. Нивниот владин партнер ДУИ е против една изборна единица за парламентарните. Арбр Адеми вели дека измените на изборниот законик наметнуваат политички и етнички консензус. Што се однесува до измените за локалните избори и ДУИ во принцип е за отворени листи.
„Ние начелно рековме дека сме за отворени листи за општинските советници но не и за изборите на градоначалници во 1 круг, само еден изборен круг. Сега има аргументи кои се ЗА и според овој став односно предлозите на другите партии кои, за да бидам коректен, не сакам да ги објавувам во моментов од причина што сакаме да им дадеме шанса, да му дадеме можност на меѓупартискиот дијалог“, вели Арбр Адеми.
Претставникот на ВМРО-ДПМНЕ на средбите, Игор Јанушев, не сакаше да зборува пред камера. Накратко писмено ни одговори дека смета оти е рано да зборува за деталите, а остануваат на ставот дека евентуалните измени на изборниот законик можат да се направата само со консензус меѓу сите политички чинители. Неофицијално ТВ21 дознава дека барањето на ВМРО-ДПМНЕ за локалните избори е градоначалникот да се избира во првиот круг доколку освои над 25% од гласовите.
Од друга страна, Сурија Рашиди од АА, вели дека се за отворени листи за општинските советници а изборот на градоначалник да не се менува.
„Од друга страна што се однесува до изборот на градоначалници на општините, сме за актуелниот начин на бирање, значи од два круга да се избира градоначалник со цел да се зачува повисоко ниво на одговорност и легитимност на градоначалникот. Повеќето субјекти се за два изборни круга, се и за отворени листи и ова би бил еден вид компромис кој верувам би можел да се постигне бидејќи што се однесува до локалните избори, разликите се помали отколку за парламентарните, и се надевам дека на следната дебата следната недела да имаме конечен договор, во случај да нема, ќе се оди така како што беше до сега“, посочи Сурија Рашиди.
Од Министерството за правда, под чие покровителството се организираат средбите на партиите, не откриваат детали за дебатата. Само велат дека средбата поминала во конструктивна атмосфера. Таму учествуваат СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ, ДУИ, АА, Беса, Левица, ВМРО Народна, ЛДП, Демократски сојуз и парламентарните партии на помалите етнички групи. Поканети биле и ДОМ и Алтернатива. На средбата присуствувал и министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски.
