Сè уште нема решение за греењето на скопјани – Битиќи и Бектеши уверуваат дека нема да има никаков проблем

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Почна одбројувањето до кога Владата треба да изнајде решение за греењето на скопјани. На 15 октомври почнува грејната сезона, што значи дека на Владата ѝ остануваат уште 19 дена да го соопшти планот – како ќе ги затоплува домовите во Скопје. Вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи рече дека граѓаните треба да бидат спокојни, бидејќи топлинска енергија ќе има, а како што рече, обезбеден е и гас. Додава дека продолжуваат преговорите со компанијата „Адора“, во чија сопственост се топланите и одбива да ги изнајмува, туку сака да ги продаде бидејќи генерираат загуба.

БЕГ вчера преку соопштение извести дека нема намера да го снабдува Град Скопје со топлинска енергија, бидејќи немаат ниту законска обврска, а ниту можност да продолжат со снабдувањето. Од друга страна, пак, министерот за економија Крешник Бектеши, уверува дека БЕГ ќе ја исполни својата законска обврска, бидејќи во спротивно, како што рече, ќе се преземат други механизми согласно Законот за управување со кризи.

„Во рамките на лиценцата што ја поседуваа и во моментот на укинување на претходната лиценца, децидно се нагласува дека јавната услуга во интерес на граѓаните мора да се врши сѐ додека друга фирма или друг субјект не поседува таква лиценца. Ова е обврска и на БЕГ“, вели Крешник Бектеши.

Проблемот со греењето во Град Скопје настана минатата година, но речиси и по една година решение сѐ уште нема. Градот Скопје одби да се справува со овој проблем, а во периодот кога на БЕГ му беа одземени лиценците за вршење на дејноста, РКЕ уверуваше дека навреме ќе биде најдено соодветно решение, но сега за сега безуспешно.