Сè уште нема решение за приватните превозници – в понеделник Советот на Град Скопје ќе побара отчет од Арсовска

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Петти ден по ред приватните превозници во Град Скопје не можат да изнајдат решение за парите што им ги должат ЈСП и Град Скопје. Двете компании што ги застапуваат приватните превозници, „Слобода превоз“ и „Макекспрес“ се сретнаа со претставници на Советот на Град Скопје во обид да изнајдат соодветно решение. Од средбата излегоа задоволни. Велат дека преку факти и документи ја прикажале моменталната состојба на превозниците.

Трајко Славески, претседател на Советот на Град Скопје рече дека надлежни за решавање на проблемот се ЈСП и градоначалничката Арсовска. Додава дека ќе се обидат преку прашања до Арсовска да помогнат во насока на решавање на спорот.

Приватните превозници нема да сообраќаат сѐ додека не им биде исплатен долгот. Ги демантираат обвинувањата на градоначалничката Арсовска за злоупотреба на продадените билети.

„Наплатата се врши со електронски картички. Овие картички се купуваат еднаш од патниците и истите се надополнуваат во билетарниците на ЈСП-Скопје, а не кај нас во автобуси. Опремата што ја имаме во автобусите не овозможуваат надополнување на картичките. Ова е една од слабостите на системот за граѓаните да можат да плаќаат“, вели Исен Халили.

Приватните превозници преку мирен протест пред ЈСП побараа средба со директорот на претпријатието Александар Стојковски, кој пак не одговори на нивниот повик. Град Скопје и ЈСП на приватните превозници им должат 1,5 милиони евра.