Градскиот плоштад во Кичево беше еден од капиталните проекти што ги вети градоначалникот Фатмир Дехари за време на предизборната кампања. Работите почнаа во март годинава, а еден месец подоцна Дехари рече дека очекува работите да завршат кон крајот на јули.
„Едно од главните барања или приоритети беше реализацијата на овој проект и се надевам дека до крајот на јули овој проект ќе го добие конечниот епилог“, порача Фатмир Дехари.
Сега сме септември, но работите сè уште траат и се одвиваат со бавно темпо.
„Се наоѓаме на плоштадот на градот Кичево, овој плоштад почна да се гради во март годинава и се очекуваше да биде завршен во јули, но очигледно работите се уште се во тек и ниту половина од плоштадот на Кичево не е завршен. Се чека да се види колку ќе биде продолжен рокот за изградба на овој плоштад“, вели репортерката на ТВ21.
Кога го прашавме Дехари, тој рече дека треба да заврши до крајот на октомври, додека за доцнењето ја обвинува градежната компанија.
„Во четвртата недела од октомври треба да биде завршен, според динамиката на договорот, што се однесува до јулскиот рок, тоа беше ветување од фирмата што ги изведува работите, но тие се уште се траат. Но сепак има простор до октомври според договорот“, посочи Фатмир Дехари.
Старите плочки се заменуваат со нови. Овој проект е вреден 800.000 евра, а средства се од ТАВ-Македонија.
