Се вакцинираат за да се движат слободно, во Тетово поголем интерес за третата отколку за првата доза

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Во Тетово секој ден се вакцинираат од 400 до 500 граѓани. Лекарот Бесник Мустафаи од Центарот за јавно здравје вели дека досега граѓаните најголем интерес пројавиле за третата доза, додавајќи дека најслаб интерес за имунизација е забележан кај лицата под 30 години.


-Можеме да кажеме дека најмногу имаме вакцинација со трета доза. Граѓаните кои беа совесни навреме се вакцинираа со првата и втората доза, а сега ја примаат и третата. За жал, морам да кажам дека интересот за имунизација со прва доза е слаб кај возрасната група на граѓани под 30 години. Нема голем интерес за вакцинација, вели Мустафи.

Заострувањето на мерките, според Мустафи, придонесе за повеќето граѓани да се вакцинираат само за да можат да влегуваат во кафулиња и да патуваат вон државата.


-Има значителен број граѓани кои не се вакцинирани со ниту една доза. Сега доаѓаат да ја примат првата доза. Многумина сѐ уште веруваат во теории на заговор. Но, треба да се нагласи дека заострувањето на мерките влијаеше за пациентите да дојдат и да се вакцинираат, за да можат да ја минуваат границата. Повеќето велат дека се вакцинираат за да влезат во кафуле или да отпатуваат надвор од државата, рече Мустафи.

Во Клиничката болница во Тетово во моментов се хоспитализирани 6 пациенти кои примаат кислородна терапија, а во изминативе 24 часа битката со коронавирус ја загуби маж на 80 годишна возраст.