Во Националниот парк Шар Планина со одлука на управата на истиот и на Министерството за животна средина, се забранува движење со моторни возила познати како ратраци. Директорот за националниот парк Шар Планина, Ибрахим Дехари вели дека тој на средба со Министерството и приватните компании ја донеле оваа одлука.
„Што се однесува до движењето на моторните возила, ратраците, во националниот парк Шар планина, секако дека вчера го затворивме ова прашање. Имавме средба со претставници на Министерството за животна средина, инспекторатот за природа, земјоделство, полицијата од Тетово и други институции. На средбата беа присутни и двата оператори кои до сега работеа веќе 15 години. Се разговараше и рекоа дека треба да се почитува оваа одлука, овие моторни возила да не се движат на планината Шара од причина што за овие штети кога ќе се стопи снегот ќе се направи проценка за да се надоместат тие штети“, вели Ибрахим Дехари.
За штета на пасиштата во националниот парк, казните за правни лица ќе се движат од 9.000 до 140.000 евра и глоби за одговорни лица на правното лице во износ од 500 до 7.000 евра во зависност од големината на предметот и прекршокот, како и за физички лица во износ од 300 евра до 450 евра во зависност од прекршокот.
