Се загрева атмосферата за предвремени избори – Мицкоски ја повика опозицијата, Филипче не сака да му биде алиби, ДУИ прифаќа

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Посакува ли премиерот Христијан Мицкоски предвремени избори откако и во вчерашното интервју, а и во изминатиот период во неговите изјави постојано ги спомнува. Мицкоски повтори дека власта е подготвена за избори доколку тоа го посакува опозицијата, иако како што рече, граѓаните тоа не го сакале.

-Ние како коалиција имаме добиено легитимитет од граѓаните за да бидеме Влада 4 години, но она кое што јас вчера го кажав ќе го потврдам а тоа е – доколку опозицијата мисли дека се потребни предвремени избори се разбира, ние како кукавици нема да седиме на страна, туку ќе одговориме на тоа барање позитивно и се разбира дека ќе ги победиме, вели премиерот Мицкоски.

Но, претседателот на СДСМ Венко Филипче вели – ние нема да му бидеме алиби за изборите, има апсолутна власт па може да си свика предвремени избори. Сепак рече дека се подготвени за избори.

-Веројатно ќе бара и премиерот ќе бара некои негови прокси играчи, ние нема да му бидеме алиби за избори. Кажав, избори ќе закаже премиерот кој што има двотретинско мнозинство, апсолутна власт на секое ниво, Ние нема да му бидеме алиби. Избори ќе има кога ќе им снема пари за коруптивни тендери. Тоа нив ги интересира, ништо друго. Ние сме секако спремни, се спремаме секојдневно, ако ме прашувате дали сме спремни, но алиби не даваме. Спремни сме со тим, спремни сме со добра програма, спремни сме со нешто што ќе го презентираме во текот на следниот месец, а се вика Мастер план за Македонија, вели претседателот на СДСМ, Венко Филипче.

Но, од ДУИ со двете раце ја прифаќаат понудата за предвремени. Велат дека токму тоа го бараат бидејќи оваа власт, како што истакнаа е неодржлива.

-Го бараме тоа. Конечно и премиерот разбра дека оваа состојба е нестабилна и дека на земјата и е потребен нов политички мандат. Бараме во рок од неколку дена да се утврди најбрзиот уставен рок, да започнат изборните подготовки и на граѓаните да им се даде можност да одлучат за насоката на земјата. Ако понудата на премиерот е сериозна, нема причина за одложувања, оправдувања или политички калкулации. Опозицијата го даде својот одговор. ДУИ е подготвена. Нека се распушти Собранието. Нека се определи датумот. Нека одиме на избори, велат од ДУИ.

За предвремени избори со став се јавија и од Алијанса на Албанците на Таравари. Алијансата за Албанците е подготвена за предвремени парламентарни избори. Нашиот одговор е јасен – Да подготвени сме. Нема потреба од тактизирања, одложувања или политички калкулации, велат од партијата.