Европскиот фронт синоќа одржа централен митинг на плоштадот „Македонија“ во Скопје. Плоштадот беше полн со поддржувачи на овој фронт, составен од девет политички партии. Говори имаа сите лидери на политичките партии кои се дел од Европскиот фронт. Не недостигаа обвинувања и пораки со поостра реторика кон првиот човек на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски. Се зборуваше дека Мицкоски има проруски планови заедно со Левица, додека како што рече првиот човек на АА Зијадин Села негови марионети се и лидерите на ВРЕДИ.
„Нас луѓето не разретчија, не намалија. Како да ги вратиме луѓето од Европа овде? Само со воведување на нашата земја во Европската Унија. Друг избор нема, да не сонуваат патриотски соништа овде, дека ќе правеле фабрики Христијан и Гордана“, порача Али Ахмети.
„А неговите планови, сакаше да ги направи со некои кукли што ги нашол кај Албанците, да личат на оние руски кукли, како ги викаат, мариошка, бабушка. Пет се, Биљал отиде кај Изет, Изет кај другата кукла, Беким, Беким кај Арбен, а Арбен кај Африм. Спакувани заедно во куферот на Мицкоски“, вели Зијадин Села.
Коалицијата ВРЕДИ на синоќешниот митинг го наполни и гостиварскиот плоштад. Коментирајќи го собирот на Европскиот фронт, Изет Меџити од коалицијата ВРЕДИ вели дека криминалецот секогаш се враќа на местото на злосторството, алудирајќи на проектот „Скопје 2014“ со кој е изграден плоштадот „Македонија“. Биљал Касами со народната поговорка дека затворот е за мажи, предупредува дека сите кои сториле криминални дејствија ќе бидат осудени на затворска казна.
„Криминалецот се враќа на местото на злосторството. Авторите на „Скопје 2014“ се вратија таму кај лавовите на Никола Груевски, додека ние без протокол, без обезбедување, меѓу народот, со народот дојдовме овде во Гостивар со државното знаме и утре одиме на плоштадот „Скендербег““, порача Изет Меџити.
„Од тука ви испраќам поздрав дека нема да се плашиме од вас, дека не се плашиме од режимот на Милошевиќ и не се плашиме ниту од шпиони и пиони на Вучиќ. Луѓето велат, затворот е за мажи, но и за криминалци. Злосторството не останува неказнето затоа што во спротивно ќе се повтори“, вели Биљал Касами.
Коалицијата ВРЕДИ вечерва на плоштадот „Скендербег“ со почеток во 20:30 часот ќе го одржи главниот митинг со кој завршува претседателската кампања. Претседателските избори ќе се одржат во среда, на 24 април. Од вечерва на полноќ почнува изборниот молк за претседателските избори, а продолжува кампањата за парламентарните избори.
