„Ние излеговме да го одбраниме нашето училиште! Со сопствен придонес го изградивме, не ни помогна ниту Министерството за образование ниту Општината, туку само приватно! Нормално е дека не сакаме учениците од прво до петто одделение да се отстранат од селото, инаку од шесто одделение одат во Основното училиште ‘Бајрам Шабани’ во Куманово. Колку е далеку од тука? Излегува некаде околу 8 километри далеку“, вели Ќахил Ќаили, поранешен претседател на селото.
Штом дознале дека училиштето ќе се затвори, жителите на Костурник, кумановско, се собрале за да потпишат петиција против оваа одлука. Изразуваат револт поради најавата за затворање на училиштето, со образложение за малиот број ученици. Според нив, со 10-20 ученици во комбинирана настава секогаш имало паралелки.
„Помалата ќерка догодина ќе започне прво одделение, поголемата ќе започне четврто одделение и за мене како мајка е проблем како едно 6-годишно девојче да оди во прво одделение толку далеку во Куманово. Ние како родители, јас и сопругот, сме против и целото село е на истото мислење“, изјави Линда Аземи, родител.
Еден од жителите рече дека ако државата треба да штеди буџет за наводните плати на наставниците, тогаш нека започнат кратењата од јавната администрација, а не од наставниците со договор на дело. Тој рече дека објектот се одржува од селото и ако е потребно ќе го самофинансираат, но нема да дозволат да се затвори.
„Во учебната 2027-28 година имаме уште 4 ученици кои ќе започнат прво одделение. Како што сите знаат, училиштето е изградено со самофинансирање и ние сме мало село кое никогаш немало голем број ученици, бројката секогаш се движела околу 20-23, не е училиште што имало голем драстичен пад на учениците и не е оправдано да ни го затворат училиштето“, вели Хајдин Аземи, родител.
„На долг рок се стимулира локалниот егзодус на жителите на селото, бидејќи младите семејства кои имаат мали деца ќе бидат принудени да се иселат од селото. Со ова Министерството за образование и Министерството за земјоделство доаѓаат во спротивност едно со друго, бидејќи од централната власт од една страна се прокламира животот на село со различни субвенции и друго, додека Министерството за образование е во спротивност со тоа затоа што нè принудуваат да го напуштиме селото“, изјави Валдрин Ќерими, жител.
Својот револт го изрази и еден од поранешните наставници во училиштето.
„Ќе продолжиме понатаму, ќе се обидеме по секоја цена и на секој начин да го зачуваме ова, да кажеме, образовно богатство што сме го постигнале со многу труд и верувам дека тоа ќе допре до Министерството и до одговорните кои носат вакви одлуки за уште еднаш да разгледаат дали е во ред да се затвори една расцветана градина на селото“, изјави Феми Џафери, поранешен наставник во училиштето.
Од Секторот за образование во Општина Куманово велат дека се против секоја одлука за затворање на основните училишта што гравитираат во оваа општина и дека очекуваат од Министерството за образование да ги одобри и за новата учебна година паралелките во градските, но и во селските училишта. Како училиштето во Костурник, во ризик од затворање се и неколку други училишта во државата.
