Се жалат организациите за заштита од ХИВ – бараат поголем буџет, Владата го скрати за 40%

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Здруженијата за заштита од ХИВ не се согласуваат со доделениот буџет за оваа година од страна на Владата. Велат дека средствата се скратени за 40% и одлуката ја нарекоа лоша и неаргументирана. Со буџет од 27.5 милиони денари не можат да се реализираат услугите и ова според нив ќе предизвика зголемен број инфекции со ХИВ но и смртност. Овој буџет опфаќа најголем број услуги објаснува Андреј Сехин од здружението „Заедно посилни„.

Овие услуги ги користат околу 10 илјади граѓани од ранливите категории, кои вклучуваат брзи тестови за откривање вируси, скрининг, дијагноза и третман на полово преносливи болести, прегледи кај дерматолози и гинеколози, ПАП тестови во руралните средини, алатки за превенција итн, истакнува Сехин.

Од МЗ велат дека се грижат исто за сите граѓани, но дека кризата предизвикана од Ковид 19 донела интервенции во буџетот.

„Потсетуваме дека здравството веќе две години се соочува со вонредна  состојба со Ковид-19. Министерството секоја година изготвува посебна Програма за заштита на населението од ХИВ инфекции, дел од средствата за реализација на активностите се од Буџетот на МЗ, а дополнителeн дел се реализираат во рамки на постојните буџети на јавните здравствени установи.  МЗ поддржува и 20 други превентивни и куративни програми, кои исто така се реализираат со средства од Буџетот“, велат од Министерството за здравство.  

Во 2017 година беше проценето дека минималниот износ за вакви услуги кои се обврска на државата треба да биде 60 милиони денари. Во моментов од ХИВ се лекуваат 350 лица, но доколку се вклучат и оние кои не се свесни дека се позитивни, проценките на здруженијата покажуваат дека бројката достигнува и до 500 лица. Овој број се предвидува да се зголемува како што се намалува количината на превентивни алатки.