Премиерот Оливер Спасовски, министерот за здравство Венко Филипче и вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи, не присуствуваат на денешната седница на Советот за безбедност кај претседателот Стево Пендаровски, на која ќе се одлучува за продолжување на вонредната состојба, пренесува МИА.
Тројцата вчера беа во посета на Куманово, каде што присуствуваа не седницата на општината заедно со градоначалникот Максим Димитриевски, кој е позитивен на вирусот Ковид-19.
Инаку, вонредна состојба во траењето 30 дена беше прогласена на 18 март. Тогаш вкупно беа заболени 41 лице. Владата, на 41-та седница одржана на 14 април донесе одлука до претседателот Пендаровски да достави предлог за продолжување на вонредната состојба, заедно со извештајот за досега преземените активности од државните институции, со кој се аргументира дека за успешно справување со коронавирусот во државата е потребна вонредна состојба.
