Седрак: На потпишувачите на Договорите со Грција и Бугарија им фали реалното искуство во животот и политиката како се решаваат овие проблеми!

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Во емисијата „Клик Плус“ на ТВ21, аналитичарот Раби Седрак изјави дека на луѓето кои ги подготвувале договорите со Грција и Бугарија им недостасувало практично и политичко искуство за решавање на чувствителни прашања поврзани со идентитетот и државноста.

Според Седрак, Европската Унија функционира како „клуб“ со јасно поставени услови што секоја држава-кандидат треба да ги исполни.

„Европската Унија е еден клуб што има услови за да може некој да стане член. Ние треба да ги исполниме тие услови и потоа да станеме дел од тој клуб“, изјави Седрак.

Тој оцени дека Македонија треба да се фокусира на исполнување на сопствените обврски и на подобрување на односите со соседните држави, но воедно упати критика кон тимовите кои работеле на договорите со Грција и Бугарија.

„Луѓето што биле дел од тимот можеби имаат врвно образование, можеби се докторирани на Оксфорд или Кембриџ, но им фали реалното искуство во животот и политиката како се решаваат вакви проблеми“, рече Седрак.

Тој смета дека прашањата поврзани со идентитетот и градењето на државата не можат да се решаваат само со академско знаење, туку бараат практично искуство и познавање на слични меѓународни случаи.

Како примери, Седрак ги посочи односите меѓу Норвешка и Данска, Шведска и Финска, како и ситуациите на Блискиот Исток.

„Човек треба да има искуство од слични ситуации во други држави, да види како функционираат тие процеси и потоа тоа да го имплементира во Македонија“, нагласи тој.

Седрак порача дека клучно е начинот на кој проблемите се презентираат пред јавноста и пристапот со кој државата ги води преговорите и односите со соседите.