Дарувал крв 168 пати! 80-годишниот Димитар Велков го држи рекордот за крводарителство во Македонија

НАЈНОВИ ВЕСТИ

На редовната акција за дарување крв што се одржа во Црвениот крст во Кочани, присуствуваше и државниот и локалниот рекордер во дарување крв, Димитар Велков – Марјаната.

Во просториите на Црвениот крст во Кочани, тој не се појави со „празни“ раце. Со себе донесе вредни спомени, стари весници со неговото име и безброј приказни за дарувањето крв и крводарителите, кои сведочат за едно време, за голема хуманост и за живот посветен на помагањето на другите.

Марјаната од Кочани дарувал крв дури 168 пати!

Тој денеска им раскажа на младите дека првпат дарувал крв на само 17-годишна возраст, во далечната 1963 година. Оттогаш па сè до пензионирањето, дарувањето крв било негова страст и важен дел од неговиот живот.

Димитар Велков веќе има наполнето 80 години и денес живее мирен пензионерски живот. Она што го направил во областа на крводарителството продолжува да инспирира.

Зад секое дарување, рече Марјаната, стои една приказна. Зад 168 дарувања – цел еден живот посветен на хуманоста.