Седум кандидати за старт на претседателската трка, Пендаровски и Силјановска-Давкова викендов на партиски конвенции

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Како што се натпреваруваа викендов во одржувањето конвенција за кандидатура за претседателски кандидат најпрво Силјановска Давкова а потоа и Пендаровски така продолжија во докажување кој ќе собере повеќе потписи иако и двајцата кандидати имаат поддршка од партиите, Пендаровски од СДСМ и Силјановска од ВМРО-ДПМНЕ со 30 пратеници. Во своите обраќање и двајцата најавуваат двојна победа и на претседателските и на парламентарните избори, но и двајцата не се штедеа во меѓусебни критики. Актуелниот претседател Пендаровски на вчерашната конвенција рече дека опозицијата е без ниту еден став во однос на актуелните случувања.

„Нивната теза е прво ќе дојдеме на власт ќе се обидеме економски да ја кренеме Македонија на здрави нозе и на странските амбасадори им велат во втората половина од нашиот мандат ќе се обидеме со Бугарите да се договориме. На кој начин, на тој начин што ќе ги натераме Бугарите да го променат нивниот Устав. Да го променат нивниот Устав за да можат да бидат признаени нашите Македонци кои таму живеат. Ако успеат Македонците, кои се таму во огромен број да бидат признаени како национално малцинство јас ќе бидат првиот кој ќе се зачлени во ВМРО-ДПМНЕ.“, изјави Пендаровски.

Силјановска Давкова пак беше избрана за кандидатка на конвенцијата во саботата од ВМРО-ДПМНЕ.

„Не се станува Европјанин, не се вежба европеизација преку реторика ЕУ ЕУ ЕУ. Не. Туку преку вежбање демократија. Доста бевме егзотични билки за светот и за Европската унија. Не. Во ЕУ треба да одиме со компатибилен политички систем, а него го нема без владеење на правото.“, рече Силјановска-Давкова.

Покрај Пендаровски и Силјановска, во претседателската трка влегуваат уште петмина кандидати. Бујар Османи како кандидат на ДУИ, Арбен Таравари од коалиција ВРЕДИ, потоа Максим Димитриевски градоначалник на Куманово и претседател на партијата ЗНАМ, Билјана Ванковска со поддршка од Левица и претседателот на ГРОМ Стевчо Јакимовски.